Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност, најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет и важен предуслов за благосостојба на граѓаните. Ние не сме повеќе објект во геополитичките дискусии, сега сме субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања. Моментално го имаме најголемиот буџет во Министерството за одбрана во овие децении. Важно е Армијата да се модернизира, да ги модернизираме нашите капацитети и да вложуваме во човечкиот потенцијал.
Ова беа главните пораки од денешната трибина „Пет години членство на Република Северна Македонија во НАТО: Постигнувања, перспективи и предизвици“, што се одржа во Домот на АРМ во Скопје, во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје и Здружението на ветераните и резервистите од областа на одбраната и безбедноста.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање денеска на трибината нагласи дека ние како земја имаме две стратешки цели, НАТО и ЕУ.

„После овие 30 години, сѐ уште сме надвор од ЕУ семејството, сè уште сме во чекалната. Дадовме многу жртви. Како држава, дадовме многу од нашиот идентитет, промена на име, промена на знаме, промена на банкноти и многу отстапки кои се случувале изминатите години. Да, сега сме еднакви во НАТО, но не смееме да заборавиме дека ние сме сериозна земја членка од 2008 година. И тогаш беше нашето место во НАТО. Сега седиме еден до друг, имаме право да си го кажеме нашето мислење, но секој од вас е заслужен што Македонија е во НАТО“, рече Мисајловски.
Како што посочи, она што е обврска за нас и она што сме го добиле од НАТО, ќе го исполнуваме. Тој напомена дека 32 проценти од нашиот буџет оваа година, се директно одвоени за модернизација.
„Пред нас се сложени времиња. За жал, на европското тло има повеќе од три години војна, но не само на европското тло, туку и надвор од границите на континентот имаме загрижувачка безбедносна ситуација. Она што е важно за нас како држава, е да имаме над 2 проценти буџет, во овој момент тоа го имаме. Треба да се разговара и за регионалниот пристап, треба да се разговара што е најпотребно за нашата Армија, но исто така и да помагаме на сите наши сојузници и пријатели. За да бидеме едно големо семејство, треба да ги достигнуваме сите оние постапки што ги прават големите земји во НАТО – додаде Мисајловски.
Информираше дека редовно се исплаќаат сите средства на сите војници, на сите офицери и тоа така ќе продолжи. Напомена дека Министерството паралелно ќе издвојува средства и за нивните капацитети, а паралелно и ќе се модернизира.
„Моментално го имаме најголемиот буџет во Министерството за одбрана во овие децении и максимално ќе се посветиме, целосно да помагаме во човечките ресурси, но исто така да ги подобруваме нашите капацитети. Голем број на нашите капацитети што ги има Миниистерството за одбрана, но и во Армијата, се за жал во лоша состојба. Кога треба да бидеме еднакви на масата и да седиме со другите земји членки, треба да одвојуваме средства и за овие објекти. Согласно НАТО потребата, ние треба да издвојуваме 20 проценти од нашиот буџет за модернизирање. Навистина, оваа година ќе има многу проекти кои ќе ги реализираме“, додаде министерот.
Генералот во пензија, Павле Арсоски во своето обраќање денеска на трибината потенцира дека членството во НАТО како стратешка цел секогаш имало силна поддршка од граѓаните и широк натпартиски, меѓуетнички и општествен консензус.
„Придонесот во меѓународните операции е во духот на стратешките определби на државата за придонес кон глобалниот мир и безбедност и претставува уште една потврда за подготвеноста за споделување на предизвиците како полноправна земја членка на НАТО. Македонија како една од поновите членки на Алијансата веќе ги исполнува целите што НАТО ги постави на самитот во Велс во 2014 година. Тогаш членките на НАТО се обврзаа во следната деценија да достигнат одвојување од најмалку 2 отсто од нивниот бруто-домашен производ (БДП) за одбрана и најмалку на 20 отсто од буџетот за одбраната за нова опрема и модернизирање на одбранбените сили“, додаде Арсоски.
Рече дека нашата држава во минатата година инвестирала 2,05 отсто од БДП за одбрана, или 327 милиони евра. За споредба, во 2023 за одбраната се издвоило 1,85 отсто од БДП, а во 2022 година 1,57 отсто од БДП.
„Сепак сведоци сме дека и 10 години по НАТО самитот во Велс, 1/3 од државите членки сè уште го немаат достигнато тоа на што се обврзале. И годинава, исто како и минатата, речиси една третина од буџетот за македонската одбрана е наменет за модернизација и опремување на Армијата процес кој започна пред приближно пет години и е во напредна фаза, со што се исполнува и критериумот за зацврстување на капацитетите на националната и колективната одбрана на НАТО. И ова не останува незабележано. Сојузниците го поздравуваат напредокот на Македонија и ја охрабруваат земјата да продолжи да ја развива одбраната“, додаде Арсоски
Напомена дека улогата на НАТО во поддршка на Украина во овие критични времиња е од клучно значење, потенцирајќи дека нашата држава сочувствува со украинскиот народ во оваа агресија од страна на Русија.
„Новата американска администрација во изминатите 2 месеци инсистира на значително зголемување на инвестициите во одбраната и способностите од страна на европските членки на НАТО, најавува намалување на американското присуство на европскиот континент, упорно и одлучно презема мерки за брзо завршување на војната во Украина, наметнува такси и имаме трговска војна во зачеток … Се тоа случувања кои од една страна предизвикуваат загриженост но од друга страна иницираат акција“, напомена Арсоски.
Како што подвлече, трошоците за одбраната на Европа во рамките на НАТО со децении наназад, дури до 70 проценти ги покриваше САД.
„Тоа очигледно наскоро ќе се промени. Оние минимум 2 отсто инвестиции во одбраната прераснаа во потреба од 3-5 отсто. ЕУ и европски членки во НАТО најавуваат околу 800 милијарди инвестиции во одбраната што е приближно еднакво на воениот буџет на САД. Во одредени држави се најавува враќање на задолжителна воена обука на сето машко население со цел изградба на резервен состав. Се најавува засилување на воено индустрискиот комплекс, инвестиции во нови одбранбени систем. Но јасно е дека нешто што се запоставувало со децении, нема да може да се надомести во една или две години. И ова само почеток на повторното вооружување на Европа, омасовување на европските армии и воспоставување на баланс во однос на Русија“, рече Арсоски.
Генералот во пензија, Илија Николовски, во своето обраќање рече дека пристапување на државата во НАТО претставува важен и историски чин во реализацијата на нашата стратешка цел, бидејќи за нас како мала земја, која се наоѓа на многу важна, чувствителна гео-стратешка положба, постигнувањето на оваа цел е од особена важност.
„Пристапување на државата во НАТО претставува важен чин затоа што нашето непосредно опкружување се соочува со многу неизвесни предизвици, како што се меѓународен тероризам, шверц и пролифирација на оружје, хибридни закани и сајбер напади. Затоа, заедно со останатите членки на НАТО, здружени заедно, можеме успешно да се бориме против овие неизвесни закани. Секако, најголемата сатисфакција претставува официјалниот прием на Република Македонија во НАТО. Нашата земја стана дел од најмоќната воено политичка сила во светот, а македонското знаме, почнува да се вее заедно со знамињата на САД, Велика Британија, Германија, Франција и останатите демократски светски сили“, рече Николовски.
Подвлече дека зачленувањето во НАТО е и политичко и безбедносно прашање за сите граѓани. Тоа, како што посочи, претставува процес кој длабоко и суштински се одразува на севкупниот живот, на иднината на секој граѓанин на државата, како и на идните генерации.
„Со зачленувањето во НАТО, еднаш засекогаш ја гарантираме безбедноста на нашите граници, влегувањето во најмоќниот сојуз во светот, како рамноправни со големите сили. Како полноправни и еднакви членки на НАТО земји, носиме геостратегиски одлуки за својата иднина и иднината на нашите деца“, рече Николовски.
Слични новости
Агелер: Внимателно ги следиме процедурите во Собранието во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет
Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет, посочи денеска амбасадорката на САД, Анџела Агелер
Уставен суд: Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии
Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд, стои во ставот од Уставен.
Изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Куманово
Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Куманово 15 l/m2, а најмалку 1 литар на метар квадратен во Претор, Струмица, Гевгелија, Берово, Тополчани