Цените на нафтата на меѓународните пазари надминаа 62 долари во понеделник, што одразува стравувања од прекини во снабдувањето откако американските сили пресретнаа танкер за нафта во близина на венецуелскиот брег, а тензиите во војната на Русија против Украина останаа високи.
На лондонскиот пазар, цената на барел нафта се зголеми попладне за 1,55 долари во споредба со петокот и изнесуваше 62,02 долари. На американскиот пазар, барел нафта беше поскап за 1,49 долари и изнесуваше 58,01 долари.
Трговците сега веруваат дека постои ризик од прекин во извозот на венецуелска нафта поради ембаргото на САД, додека претходните најави на САД за блокадата на танкерите не ги вознемирија, објасни аналитичарот од швајцарската инвестициска банка UBS Џовани Стауново.
Венецуелската нафта сочинува околу еден процент од светското производство.
Растот на производството во САД и членовите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници во голема мера ги смирија стравувањата од прекини во снабдувањето во другите делови од светот, па цената на барелот на лондонскиот пазар остана над 65 долари во втората половина од 2025 година. Падот на цените во текот на изминатиот месец предизвика загриженост за вишокот понуда.
Тензиите во Венецуела и војната меѓу Русија и Украина спречија значително посилен пад на цените на нафтата на пазарот, изјави Џун Го, аналитичар од „Спарта Комодитиз“.
Американската крајбрежна стража гони танкер за нафта во меѓународните води во близина на Венецуела. Доколку го заплени, тоа ќе биде втора таква операција овој викенд и трета за помалку од две недели, изјавија американски претставници за „Ројтерс“ во неделата.
Силниот пораст на цените на нафтата се должи на најавата на претседателот Доналд Трамп за „тотална и целосна“ блокада на санкционираните венецуелски танкери за нафта и последователниот развој на ситуацијата во карипскиот регион, како и на извештаите за украински напад со беспилотни летала врз руски танкер за нафта во Медитеранот, изјави аналитичарот на IG, Тони Сикамор.
Минатата недела, цените на нафтата на лондонскиот и американскиот пазар паднаа за околу еден процент.
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, во неделата изјави дека мировните разговори што се одржаа во Флорида меѓу американски, европски и украински претставници во текот на изминатите три дена имале за цел да се договорат за клучните позиции. Тие состаноци и одделни преговори со руски претставници биле продуктивни, рече тој.
Сепак, главниот советник за надворешни работи на рускиот претседател Владимир Путин изјави дека промените направени од Европа и Украина во предлогот за мировен договор на САД не ги подобриле шансите за мир.
Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека барел од кошничката нафта на нејзините членки бил за 13 центи поскап во петокот отколку претходниот ден, на 59,96 долари. Во вторникот, падна под 60 долари за прв пат од есента 2020 година.
Слични новости
Цените на нафтата близу 62 долари
Цените на нафтата се стабилизираа околу 62 долари во вторникот, по скокот во понеделникот, балансирајќи меѓу очекувањата за зголемена понуда поради можна продажба на запленета венецуелска нафта во САД и стравувањата од нарушувања по украинските напади врз руски бродови и пристаништа
Раст на празничната потрошувачка во малопродажбата во САД
Продажбата кај американските трговци на мало се зголеми за околу 4 отсто оваа празнична сезона, според прелиминарните податоци објавени во вторник од Visa и Mastercard.
Ублажен растот на продажбата на нови автомобили во ЕУ во ноември
Продажбата на автомобили во Европската унија се зголеми по петти месец по ред во ноември, благодарение на континуираната силна продажба на електрични возила, но беше значително послаба отколку на почетокот од есента


