Цените на нафтата се задржаа под 75 долари на меѓународните пазари во понеделникот, поради шпекулациите меѓу трговците дека мировниот договор меѓу Москва и Киев може да го отвори патот за зголемени испораки од Русија.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше речиси непроменета од затворањето на тргувањето на крајот на минатата седмица и изнесуваше 74,93 долари. На американскиот пазар беше повисок за 38 центи и изнесуваше 71,01 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барел од референтната кошничка нафта на нејзините членки во петокот поскапел за 55 центи на 76,79 долари.

Кон крајот на минатата седмица пазарите беа преокупирани со пораките од Вашингтон дека може да ги укине санкциите за руската нафта доколку Москва и Киев постигнат мировен договор. Американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица побара од своите функционери да започнат преговори за ставање крај на војната во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски изразија желба да склучат мир во одделни телефонски разговори со Белата куќа.

Вашингтон веќе навести дека може да ги укине санкциите за руската нафта. При крајот на неговиот мандат, поранешниот американски претседател Џо Бајден воведе пакет казнени мерки против осигурителите, транспортерите и руските производители на нафта. Во неделата, Трамп рече дека верува оти може многу брзо да се сретне со Путин и да разговара за завршување на војната. САД и Русија во моментов ја подготвуваат почетната фаза од разговорите во Саудиска Арабија.

Доколку се најде решение за заобиколување на санкциите што ги воведе Бајден претходно оваа година, рускиот извоз би можел да продолжи, пишува во извештајот на Меѓународната агенција за енергија (IEA).

„Доколку ублажувањето на санкциите ја скрати рутата на руските барели до Индија и Кина, понудата значително ќе се зголеми на краток рок, па цените на барелот на лондонскиот пазар би можеле да паднат за пет до десет долари, а маргините на рафинериите ширум светот, исто така, би можеле да се намалат“, проценуваат аналитичарите на Bank of America (BofA).

Доколку САДм исто такам ги укинат санкциите за дизелот, маржите би можеле уште повеќе да се намалат, додаваат тие.

Цените беа поддржани во понеделникот со намалените испораки преку цевководот на Конзорциумот за нафтоводот Каписк од полето Тенгиз во Казахстан до руското пристаниште Новоросијск по нападот со беспилотно летало врз пумпната станица Кропоткинскаја во рускиот регион Краснодар, се вели во соопштението на конзорциумот.

Украина постојано ја напаѓа руската енергетска инфраструктура со беспилотни летала, а нејзините цели вклучуваат објекти во Краснодар.

„Нападите со беспилотни летала досега имаа само ограничено влијание врз извозот на руската нафта, но тие станаа почести, предизвикувајќи стравувања дека еден ден би можеле да ги загрозат залихите“, вели Џовани Стауново од банката UBS.

Во исто време, побарувачката зајакна на почетокот на седмицата благодарение на послабиот америакнски долар.

globe

Слични новости

Цените на нафтата блиску до 75 долари

Цените на нафтата блиску до 75 долари

Цените на нафтата се стабилизираа во вторникот на меѓународните пазари близу нивото од 75 долари, балансирајќи меѓу загриженоста за понудата од Русија поради американските закани со царини и стравувањата дека бранот царини би можел да го спречи глобалниот економски раст и побарувачката на енергија

Инфлацијата во еврозоната благо слабее во март

Инфлацијата во еврозоната благо слабее во март

Инфлацијата во еврозоната благо ослабе во март, бидејќи значително поумерениот пораст на цената на услугите го надмина скокот на цените на свежата храна, покажаа во вторникот објавените проценки на Европската статистичка служба