Цените на нафтата се задржаа на нивото над 72 долари на меѓународните пазари во вторникот, бидејќи кинеската најава за монетарни стимулирања за економијата ги покрена прашањата за побарувачката.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 72,13 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар каде со барелот се тргуваше по 68,48 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека во понеделникот цената на барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки се зголемила за 29 центи, на 71,96 долари.

 

На почетокот од седмицата вниманието на пазарот беше привлечено од најавата на Пекинг за монетарни стимулации за економијата во наредната година. Кина „соодветно ќе ја олабави“ монетарната политика следната година, првпат по 14 години, и ќе води поактивна фискална политика за да го стимулира економскиот раст, покажа документот од состанокот на Политбирото.

Пекинг ќе го засили „неконвенционалното“ контрациклично прилагодување, со фокус на зајакнувањето на домашната побарувачка и потрошувачка, објави државната новинска агенција Xinhua, цитирајќи го резимето на официјалната изјава од состанокот на највисоките претставници на Политбирото на Комунистичката партија.

Во следната година, властите мора да се придржуваат до „принципот на стремеж кон напредок, притоа зачувувајќи ја стабилноста“, се вели во документот, цитиран од новинската агенција Xinhua.

„Некои аналитичари заклучија дека одлуката на Пекинг е во основа прашање на принцип и дека нема детали во соопштението“, вели Тамаш Варга од PVM.

Во вторникот доброто расположение го поддржаа и податоците на царинската управа, кои покажаа дека увозот на сурова нафта во Кина пораснал на годишна основа во ноември, првпат по седум месеци.

Варга, од друга страна, пак, смета дека повисокиот увоз се одраз на акумулацијата на залихите, а не на подобрување на побарувачката.

„Знак дека побарувачката се подобрува ќе биде „здраво“ забрзување на инфлацијата“, сугерира аналитичарот на PVM.

Трговците ја чекаат и одлуката на американската централна банка за каматните стапки. Доколку Fed ги намали следната седмица за четвртина процентен поен како што се очекува во моментов, побарувачката за американска нафта може да зајакне паралелно со забрзување на економската активност. Оттука, во фокусот на вниманието се податоците за инфлацијата во ноември, кои ќе бидат објавени во среда.

globe

Слични новости

Нафтата поевтини на 72 долари

Нафтата поевтини на 72 долари

Цените на нафтата паднаа во петокот поради загриженоста за побарувачката следната година, особено во Кина, најголемиот увозник на сурова нафта