Цените на нафтата се задржаа на меѓународните пазари во четвртокот близу 74 долари, што ги одразува поделените проценки на инвеститорите за можното влијание на новите американски царини врз побарувачката на горива.
На лондонскиот пазар со барелот нафта доцна попладнето се тргуваше по речиси иста цена како и на вчерашното затворење на тргувањето, по 73,88 долари. На американскиот пазар барелот поскапе за 20 центи и чинеше 69,85 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од нејзината референтна кошничка нафта на нејзините членки во средата поскапел за 22 центи на 75,96 долари.

На средината на седмицата инвеститорите беа охрабрени од падот на залихите во САД. Залихите на сурова нафта паднаа за 3,3 милиони барели минатата седмица, а залихите на бензини за 1,4 милиони барели, објави во средата Министерството за енергетика. Незначително паднаа и залихите на дестилати, за 420 илјади барели.
Знаците за посилна американска побарувачка следеа по објавувањето на САД за царини за земјите кои купуваат нафта и гас од Венецуела. Најголеми купувачи на венецуелска нафта во февруари беа Кина и САД. Кинеските купувања на венецуелска нафта беа запрени во вторникот, при што трговците и рафинерите изјавија дека го чекаат следниот потег на Вашингтон и инструкциите од Пекинг.
Објавувањето на царините ја загрижи и индиската „Reliance Industries“, која управува со најголемиот рафинерски комплекс во светот и, според неименувани извори, планира да го прекине увозот на барелите од Венецуела.
Во четвртокот, вниманието на инвеститорите го привлече одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини од 25 отсто за увоз на автомобили, кои треба да стапат на сила следната седмица. САД, исто така, ќе воведат царини за увоз на автомобилски делови најдоцна до почетокот на мај.
„Може да се каже дека нафтениот пазар чека нови потези од администрацијата на Трамп. Тарифите би можеле да го загрозат економскиот раст, но другите мерки на администрацијата на Трамп би можеле истовремено да отстранат некои барели од пазарот“, вели аналитичарот на UBS, Џовани Стауново.
„Веста за царините на автомобилите на крајот би можеле да бидат повеќе од позитивни за нафтата, бидејќи царините ќе ги зголемат цените на новите автомобили и ќе ја забават транзицијата кон понови модели со поекономична потрошувачка на гориво“, додава аналитичарот на IG, Тони Сајкамор.
Слични новости
Нов рекорд на златото
Цената на златото, кое се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, претпладнево четврти ден по ред достигна ново рекордно ниво – 3.145 долари за унца
Остар пад на Волстрит во првиот квартал
На Волстрит индексот S%P 500 благо порасна во понеделникот, но падна со највисока стапка од 2022 година во текот на целиот прв квартал, што е последица од стравувањата на инвеститорите од ескалација на царинската војна
Златото над 3.100 долари
Цените на златото во понеделникот надминаа 3.100 долари за унца, поради стравувањата на инвеститорите дека американските царини би можеле да ја поттикнат инфлацијата и да го забават економскиот раст, како и континуираната побарувачка од централните банки