Цените на нафтата се стабилизираа во четвртокот на меѓународните пазари близу 63 долари, со слабо тргување пред празничниот викенд во САД и со премерување на шансите за постигнување мировен договор за Украина и полесен пристап до руската нафта.
На лондонскиот пазар, попладнево со барелот се тргуваше по речиси иста цена како и на затворањето на берзата вчера, на 63,30 долари. На американскиот пазар, цената на барелот порасна за само 29 центи на 58,94 долари.
Засебните пресметки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) покажуваат дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки во средата поевтинил за 22 центи, на 63,21 долари.
Tрговците оваа седмица се обидуваат да ги одмерат шансите за мировен договор за Украина и ублажување на санкциите за руската нафта.
Вашингтон, според извештаите на медиумите, кон крајот на минатата седмица изготви мировен план од 28 точки, кој беше намален на 19 точки по разговорите со украинските претставници во неделата. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва добила документ од 28 точки и дека не виделе други верзии од него, објави руската новинска агенција ТАСС.
Москва „во принцип се согласува“ дека американската „листа на точки“ може да биде основа за идните договори, изјави рускиот претседател Владимир Путин пред новинарите во четвртокот, според извештајот на ТАСС, додавајќи дека очекуваат посета на американскиот специјален претставник Стив Виткоф следната седмица.
„Мировниот договор веројатно во голема мера би го отстранил ризикот од снабдување, бидејќи САД би можеле да ги укинат санкциите врз руската нафта“, наведуваат аналитичарите на ING.
Вашингтон пред десетина деца воведе санкции врз „Лукоил“ и „Росњефт“, кои произведуваат 5 отсто од светската нафта.
Трговијата генерално беше слаба во четвртокот поради Денот на благодарноста во пресрет на празничниот викенд во САД, а фокусот на пазарот полека се префрла на состанокот в недела меѓу Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници големи независни производители предводени од Русија, при што три извора рекле за Reuters дека групата веројатно ќе ја паузира нормализацијата на снабдувањето.
Слични новости
Швајцарските компании ги неутрализираат американските царини со селење на производството
Швајцарските компании планираат да преместат дел од своите операции и производство во странство за да го ублажат влијанието на американските царини, според анкета на деловната асоцијација economysuisse
Производството на чај во Индија опадна во октомври
Производството на чај во Индија опадна во октомври поради неповолните временски услови во државата Асам
Цените на нафтата на 64 долари
Цените на нафтата се искачија на 64 долари во петокот на меѓународните пазари, а инвеститорите шпекулираат дека намалената понуда од Венецуела во случај на воена интервенција на САД ќе ги принуди кинеските и американските рафинерии да бараат замена


