Цените на нафтата се стабилизираа во понеделникот на меѓународните пазари под 76 долари, откако САД и Мексико најавија разговори непосредно пред планираното воведување царини, намалувајќи ги стравувањата од прекини во снабдувањето.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше речиси непроменета во однос на затворањето на трговијата на крајот на минатата седмица и изнесуваше 75,76 долари. Накратко скокна на 77,34 долари.

Позначителни ценовни промени денеска немаше на американскиот пазар каде со барелот се тргуваше по 72,64 долари. Накратко скокна на 75,18 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од кошничката нафта на нејзините членки поевтинил за 89 центи на 78,49 долари во петокот.

Пазарите беа потресени на почетокот од седмицата од американските царини за Мексико, Канада и Кина. Трговците стравуваат од трговска војна која може да го загрози глобалниот економски раст и повторно да ја вивне инфлацијата.

САД објавија дека ќе воведат царини од 25 отсто за повеќето стоки од Мексико и Канада од вторник. Увозот на енергенси од Канада ќе подлежи на царини од 10 проценти. Вашингтон планира и царини од 10 отсто за увоз од Кина.

„Царините за увоз на енергенси од Канада веројатно ќе предизвикаат поголемо нарушување на домашниот (американски) енергетски пазар отколку оние на увозот од Мексико, па дури може да бидат контрапродуктивни за една од клучните цели на (американскиот) претседател – намалување на трошоците за енергијата“, вели Амарпреет Синг од „Barclays“.

Аналитичарите на „Goldman Sachs“ проценуваат дека царините ќе имаат само ограничено и краткорочно влијание врз глобалните цени на нафтата и гасот.

Според американското Министерство за енергетика, Канада и Мексико се главни добавувачи на нафта во САД и заедно обезбедуваат околу четвртина од нафтата преработена од американските рафинерии. Царините ќе ја зголемат цената на суровата нафта со повисок удел на сулфур, која им е потребна на рафинериите во САД за оптимално производство, објаснуваат извори од индустријата.

Во такви услови бензинот сигурно ќе поскапи во САД, смета Мукеш Сахдев од „Rystad Energy“.

Трамп веќе предупреди дека царините „може да бидат болни за кратко време“ за Американците.

„Глобалната економија нема да биде поштедена од последиците. Јасно е дека царините негативно ќе влијаат на глобалната економија, бидејќи на краток рок ќе се намали физичката понуда на пазарот, што ќе ги зголеми цените на нафтата“, објаснува Ешли Келти од „Panmurа Liberum“.

„Доколку останат на сила подолг период, канадското и мексиканското производство би можело да се намали, што ќе ѝ помогне на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници да ја зголемат понудата“, додава Сахдев.

Во текот на попладневните часови, американскиот претседател рече дека го запира воведувањето на царините за Мексико, нагласувајќи дека ги продолжува преговорите со јужниот сосед за да се постигне „договор“. Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум рече дека тимовите почнале да работат на безбедносни и деловни прашања во понеделникот, додавајќи дека таа му предложила на нејзиниот американски колега да ги паузира царините.

globe

Слични новости

Трендафилов: Официјалната потрошувачка кошница е обид за минимизирање на ССМ и за незголемување на платите

Трендафилов: Официјалната потрошувачка кошница е обид за минимизирање на ССМ и за незголемување на платите

ССМ ќе продолжи да ја пресметува минималната кошничка, а во креирањето официјална потрошувачка кошница што беше еден од заклучоците на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), гледа обид за минимизирање на синдикатите, како и обид за незголемување на платите (минималната и останатите плати).

Цените на гасот во Европа на највисоко ниво од есента 2023.

Цените на гасот во Европа на највисоко ниво од есента 2023.

Цените на гасот во Европа во понеделникот го достигнаа своето највисоко ниво за нешто повеќе од една година, со зголемена побарувачка поради ниските температури и укинувањето на ценовната граница ширум Европската унија

Минималната кошница ќе ја формираат сикдикатите, ДЗС, ОПМ и министерствата за финансии и за економија

Минималната кошница ќе ја формираат сикдикатите, ДЗС, ОПМ и министерствата за финансии и за економија

Не е постигнат договор за минималната плата, но ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии