Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“ од протестот утрово пред канцелариите на администрацијата на Град Скопје, најавија целосна блокада на градот, доколку не земат плата. Во изјави за медиумите, беше посочено дека тие немаат гориво, возила „седат“ во гаража, нема редовна плата, а имаат обврска кон банките да ги исплаќаат земените кредити, а немаат земено ниту К-15, иако тоа законски им следува.

Протестот е организиран од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ).

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески ја опиша ситуацијата во претпријатието како „крајно критична“. Тој рече дека се најавуваат протести со механизација, а овие вработени ги контролираат и семафорите, „не би сакале да направиме тотален хаос“.

Замислете, протестираат за плата. Камоли да се побараат некои други средства – за заштитни средства при работа или покачување на плата, посочи тој, апелирајќи да се седне да се разговара, да се даде плата или целосно ќе се блокира Скопје.

Ристески истакна дека минатиот месец имало средба со новата директорка на претпријатието, за која кажа оти е петти или шести директор во мандатот на скопската градоначалничка.

„Наместо да ги викнат луѓето на разговори, еве се јавуваат колегите кажуваат – притисоци. На кого притисоци? За што притисоци? Плата бараат. Во денешно време да немаш плата, за што работиме ние сите“, праша Ристески.

Нусрет Пашалиќ, вработен во Јавното претпријатие „Улици и патишта“, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека доколку не земат плата, од понеделник со возила ќе излезат на улица и семафорите ќе ги исклучат за да не работи целиот град.

Нас многу ни е тешко што денеска сме дошле вака овдека, да ја бараме нашата плата што сме ја заработиле чесно и да бараме К-15 што ни следува по закон и бараме сметката што ни е блокирана да нѐ одблокираат, оти секој месец имаме проблеми со исплата на личниот доход, додаде Пашалиќ во изјава за медиумите.

Трајко Стефановски, возач во „Улици и патишта“, истакна дека собрани се да изразат револт поради односот на Градот Скопје кон нивната фирма.

Со месеци го имаме проблемот. Немаме гориво, немаме редовни плати, имаме кредити што имаме обврска кон банките да ги плаќаме, меѓутоа ние сме оневозможени поради оваа состојба. Овдека сме од сите националности. Нас болката ни е платата. Секој месец истиот проблем. Не се има чувство за нашиот проблем. Нашите возила стојат сите во гаража, не излегуваат на терен затоа што немаме гориво. Имаме проблем со регистрација на возилата, наброја Стефановски.

Тој подвлече дека бараат градоначалничката да ги прими и да им објасни што е работата со нивната фирма.

Ние сме во служба на градот, меѓутоа со нејзиното неодговарање на нашите барања, нашите седнувања на маса со нејзе, фактички таа не се грижи за состојбата во градот, смета Стефановски.

Тој посочи дека чекаат плата за ноември, а имаат семејства, деца.

Еден колега ми вика „срам ми е, детето сабајле ми бара пари, немам да му дадам“. Немаме ништо против Данела Арсовска. Меѓутоа, таа треба да нѐ разбере дека ние сме луѓе со семејства и треба да одговориме на нашите задачи кон фамилиите. Треба да излезе некој, да нѐ прими, да нѐ сослуша, да ги сослуша нашите проблеми. Не е само со нас. За жал, сите јавни претпријатија го имаат истиот проблем. Гориво, плати, К-15. Срамота е, дециден беше Стефановски.

Трајко Стефановски, возач во „Улици и патишта“ фото миа

Додека трае протестот на вработени во претпријатието, оттаму испратија соопштение до медиумите, нарекувајќи го „политички мотивиран“.

globe

Слични новости

Клиниките подготвени за работа во вонредни услови, итните интервенции ќе се прават непречено

Клиниките подготвени за работа во вонредни услови, итните интервенции ќе се прават непречено

Најитните интервенции утре ќе се реализираат непречено на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар по најавата од скопски „Водовод“ за прекин во водоснабдувањето од вечерва во поголем дел од градот

Македонскиот пасош на 34. место меѓу патните исправи на 133 земји во светот

Македонскиот пасош на 34. место меѓу патните исправи на 133 земји во светот

Пасошот на Македонија се наоѓа на 34-то место заедно со Ел Салвадор, Гватемала и Тајван. Македонскиот пасош овозможува непречен влез без виза во 80 држави, додека пак во 50 држави се добива виза по пристигнување.