Ако Трамп опстои на својот став да воведе царини, добра вест за остатокот од светот е дека економската цена ќе ја платат главно самите Американци. Тоа е аксиома во економијата, загубите што ги носат протекционистичките мерки се натрупуваат на страната што ги воведува. Затоа би била трагична грешка ако другите земји неодмерено реагираат и возвратат со сопствени царини.

Светската економија во страв ги очекува царините на Доналд Трамп. Избраниот американски претседател очигледно ги сака царините и вети дека ќе ги зголеми за увозот на стоки од Кина, Европа, Мексико, па дури и од Канада. Колкава штета ќе биде направена не зависи само од обемот на зафатите на овие мерки, туку и од целите кои треба да ги исполнат.

Економистите не сакаат царини од повеќе причини. Како и сите други пречки на слободната трговска размена, тие предизвикуваат неефикасност во системот. Спречуваат некого да ми продаде нешто што ми е потребно и така и двете страни ги доведуваат во начелно полоша ситуација.

Економската теорија признава дека во некои случаи тоа доведува до добивка на едната страна. Царините може да бидат корисни во новите индустрии, во случаите на преливање на знаење или монополски ситуации, или за потребите за заштита на националната безбедност.

Но дури и тогаш, тврдат економистите, тие се груб и непрецизен инструмент. Увозната царина е комбинација на две различни политики: Данок на потрошувачката на увезените стоки и субвенција за нивното домашно производство, по еднакви стапки.

Било која економска или неекономска цел може поефикасно да се оствари со посебна примена на тие политики по прилагодени стапки, со директно насочување кон посакуваните резултати. За економистите, царините се пукање во сопствената нога.

Трамп го мисли спротивното. Тој ги замислува царините како швајцарски нож, мултипрактична алатка која истовремено го поправа американскиот трговски дефицит, ја подобрува конкурентноста, ги поттикнува домашните вложувања и иновации и ја поддржува средната класа и отвара нови работни места во земјата.

Таквиот пристап нема врска со стварноста. Царините ќе имаат неуденачени ефекти на производството во САД, на некои ќе им бидат корисни, но ќе им штетат на производителите кои зависат од извозни инпути или странски пазари. Дури и таму каде што ќе се зголеми профитот, нема гаранции дека тоа ќе се преточи во поголеми вложувања во нови технологии или отварање на работни места. Корпорациите што го зголемуваат богаството, наместо да вложат во проширување на производствените капацитети, можат да им поделат бонуси на менаџерите и акционерите.

Ако опстои на својот став да воведе царини, добра вест за остатокот од светот е дека економската цена ќе ја платат главно самите Американци. Тоа е аксиома во економијата, загубите што ги носат протекционистичките мерки се натрупуваат на страната што ги воведува. Затоа би била трагична грешка ако другите земји неодмерено реагираат и возвратат со сопствени царини. Нема никаква причина да ја повторуваат грешката на Трамп и да го зголемат ризикот од ескалација на трговска војна.

Трамп често ги наведуваше царините како средство за извлекување одредени отстапки од трговските партнери. Трамп им се закануваше на Мексико и Канада дека ќе им воведе царини од 25 проценти, ако не ги обезбедат своите граници. Начелно, овие закани и не мора да се реализираат, доколку другите земји се согласат на барањата на Трамп.

Но, Кина, Индија и другите големи земји веројатно нема да попуштат, со оглед на ризикот да се покажат како слаби. 

Во секој случај, царините не се голема закана без оглед дали ги гледаме како пукање во сопствената нога или швајцарски нож. Според конвенционалното толкување, царините се штетни пред се за домашната економија, така што не можат да бидат веродостојна закана за другите.

Ако се царините неселективни и немаат поддршка на промислени внатрешни политики, штетата ќе биде огромна и тоа повеќе дома, отколку кај трговските партнери.

Дени Родрик

Проџект Синидкејт

Слични новости

Кои премиери поднесуваа оставка на Балканот и зошто

Кои премиери поднесуваа оставка на Балканот и зошто

Во политичкиот живот, оставката обично се нарекува „морален чин“. Во балканските држави кои се често погодени со економски и општествени кризи, оставките главно беа поднесувани „од лични причини“, поради изборни неуспеси, застој во економијата, но и поради постапки за воени злосторства.