Илузиите за безбедноста на Европа се урнати и Европската унија мора веднаш да почне да инвестира значително повеќе во својата одбрана, изјави во вторникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето пред Европскиот парламент.

„Европскиот безбедносен поредок е длабоко потресен и нашите илузии се урнаа“, изјави шефицата на Комисијата пред европратениците во Стразбур во дебатата за заклучоците од самитот на Европскиот совет минатата седмица, европската безбедносна архитектура и поддршката за Украина.

По завршувањето на Студената војна, Европа ги намали трошоците за одбрана од просечни повеќе од 3,5 проценти на помалку од половина од тоа, истакна фон дер Лајен, потсетувајќи дека некои европски политичари веруваа дека Русија може да се интегрира во европската безбедносна и економска архитектура, додека други „се надеваа дека можеме неодредено да се потпреме на целосната заштита на Америка“.

„Мислевме дека уживаме во мировна дивиденда. Но, во реалноста, имавме само безбедносен дефицит. Времето за илузии сега е завршено. Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана. Не во некоја далечна иднина, туку денеска“, рече фон дер Лајен.

Фон дер Лајен изјави дека „инвестициите во европската одбрана се неопходни поради ситуацијата во Украина“ и дека е „итно неопходно да се пополнат празнините во военото снабдување на Украина и да се обезбедат цврсти безбедносни гаранции на Украина“.

„Но, прашањето за одбраната не ја засега само Украина, туку безбедноста на цела Европа и на целиот наш континент“, рече таа.

„Путин повеќепати докажа дека е непријателски сосед. Не може да му се верува, може само да се одврати. И знаеме дека рускиот воен комплекс произведува повеќе од нашиот. Кремљ троши повеќе за воени потреби отколку цела Европа заедно, додека опсегот на закани со кои се соочуваме се проширува од ден на ден“, предупреди Фон дер Лајен.

Презентирајќи ги заклучоците од минатонеделниот состанок на челниците на земјите-членки на ЕУ и иницијативите на нејзината Комисија, Фон дер Лајен изјави дека членките на ЕУ сега трошат во просек нешто помалку од два отсто од БДП, додека анализите покажуваат дека трошоците за одбрана мора да се зголемат на повеќе од три отсто.

Најголемиот дел од инвестициите може да дојде само од земјите-членки, истакна таа, и рече дека затоа се предлагаат нови фискални правила според кои земјите-членки можат да издвојат дополнителни 1,5 отсто од БДП за нивните одбранбени буџети. На овој начин земјите-членки би можеле да мобилизираат до 650 милијарди евра во следните 4 години.

Дополнително, земјите-членки ќе можат да го користат новиот финансиски инструмент SAFE, односно одбранбените заеми на ЕУ во вредност од 150 милијарди евра во стратешки домени, како што се противвоздушна одбрана, развој на беспилотни летала и сајбер одбрана. Со овие заеми ќе се финансираат набавките од европските производители со повеќегодишни договори со фокус на заедничките набавки, објасни таа.

Шефицата на Комисијата најави и можност земјите-членки доброволно да пренасочат дел од своите средства од кохезионите фондови во проекти поврзани со одбраната, а одлуката за оваа опција ќе ја донесат Советот на ЕУ и Парламентот.

globe

Слични новости

Новинарите во Грција започнаа 24-часовен штрајк

Новинарите во Грција започнаа 24-часовен штрајк

Новинарите во Грција, организирани од Грчката федерација на новинарски асоцијации во која учествуваат сите новинарски здруженија, од пет часот утрово започнаа 24-часовен штрајк со што земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии