Во контекст на актуелните случувања во однос на безбедноста во сообраќајот во нашата држава, Министерството за правда е фокусирано на утврдување на можни измени и дополнувања во законите, со кои ќе се придонесе за значително зајакнување на безбедноста во сообраќајот, изјави денеска (7 февруари) министерот за правда Игор Филков на јавната расправа во Собранието.
„Со оглед на забележаното зголемување на несреќите, сметаме дека е неопходно итно да се разгледаат нови стратегии и решенија кои ќе вклучат: зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните. Ова ќе ни помогне да утврдиме дали во пракса казните се адекватни, дали преовладува тенденција на изрекување на поблаги санкции“, рече Филков пред пратениците и претставниците на институциите.

Министерот смета дека при изготвување на измени на законската регулатива, особено во делот на санкциите, потребно е да се тргне од тоа дали казните за прекршувачите на сообраќајните правила се соодветни и доволно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект.
„Потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Потребна е измена и на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, како и на неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, рече тој.
Министерот смета дека треба да се примени превентивен пристап за да се спречи можноста за повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот. Ова, според него, ќе ги мотивира возачите да ја подобрат својата сообраќајна култура и да ги почитуваат сите правила.
Филков информираше дека министерствата за правда, за внатрешни работи, судии од Одделот за прекршоци во Кривичниот суд Скопје и универзитетски професори, работат на интензивна имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците како и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во контекст на овој процес, формирана е работна група за дополнување на законските решенија, со посебен фокус на намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Сите измени, според Филков, имаат за цел и се стремат да го намалат бројот на сообраќајните незгоди, особено оние кои резултираат со смртни последици и да ги заштитат животите на сите учесници во сообраќајот.
Комисијата за политички систем организираше јавна расправа по сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова.
Дваесет и двегодишната Фросина на 29 јануари беше прегазена на пешачки прекин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Ја прегази дваесетгодишник кој возел со голема брзина, на пешачки премин и под дејство на алкохол, поминувајќи со возилото додека било вклучено црвеното светло на семафорот.
Слични новости
Отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со пожарот во Кочани
Основното јавно обвинителство Кочани во текот на ноќта донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар во Кочани, информираат од Јавното обвинителство на РСМ. Деталите за истрагата, осомничените и предложените мерки за обезбедување, како што е најавено, ќе бидат соопштени денеска напладне на прес-конференција пред зградата на ОЈО Кочани
Македонско-турската стопанска комора донира 3,3 милиони денари за семејствата на настраданите во Кочани
Стопанската Комора на Македонија – Турција МАТТО и нејзините членки донираат 3 300 000 денари за поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани
Нови приведувања за пожарот во Кочани, состојбата на повредените стабилна
Активностите на полицијата и на Обвинителството за истрагата за пожарот во Кочани во кој починаа 59 млади лица, а 178 се повредени, продолжија продлжија синоќа со акција за приведување на лица за кои постои сомнение за инволвираност. Според првичните информации, приведени се поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов