Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска повика на масовна излезеност во вториот круг од локалните избори в недела, повикувајќи ги граѓаните да ги поддржат кандидатите на СДСМ и коалицијата како глас за чесност, отчетност и луѓе со резултати.

Филипче вели дека кандидатите на СДСМ во 17 општини ќе испорачаат реални програми, но истовремено упати сериозни обвинувања кон власта за притисоци во предизборниот период.

Претседателот на СДСМ тврди дека нивните кандидати и тимови се соочиле со „притисоци, заплашувања и злоупотреба на институциите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ“.

„Сведоци сме на континуирани притисоци и врз нашите кандидати и членовите на тимовите, од страна на полицијата, единиците за брзо распоредување, службите за социјална работа, од единиците на Управата за јавни приходи. Јасно е дека е карактеристика на ВМРО-ДПМНЕ секогаш кога се на власт да го злоупотребуваат државниот апарат и да се обидуваат и да спроведуваат поткуп кај граѓаните“, рече Филипче.

Филипче побара поддршка за нивните кандидати, нагласувајќи дека тие воделе искрена и фер кампања. Тој ги наведе имињата на 17-те кандидати кои се борат за втор круг, порачувајќи дека со нивен избор, граѓаните добиваат градоначалници кои ќе работат исклучиво во нивни интерес и ќе одговараат пред нив.

Во однос на општините каде што СДСМ нема кандидат во вториот круг, Филипче нагласи дека партијата нема да навлегува во никакви калкулации и заткулисни договори.

„Секој член, граѓанин и симпатизер има целосно право да одлучи согласно сопственото убедување според тоа кој кандидат носи вредности блиски до социјалдемократската идеја и вредности за чесно владеење, за почит, за еднаквост и за развој“, рече тој.

Филипче смета дека треба да продолжи, како што рече, трендот на пад на поддршката на владејачката гарнитура и очекува таа да се засили и во периодот по изборите затоа што „власта не понуди решение за најтешките проблеми на граѓаните“.

Тој рече оти гласањето е „најмоќен протест против неспособноста и најсилен отпор кон апатијата“. „Во недела секој глас може да направи и ќе направи разлика“,
додаде тој.

globe

Слични новости

На ГП Дојран и Табановце се чека од 30 до 40 минути, магла на Попова Шапка и Пресека

На ГП Дојран и Табановце се чека од 30 до 40 минути, магла на Попова Шапка и Пресека

На граничниот премин „Дојран”, утринава за излез од земјава се чека 30 минути, а на Табановце времето на чекање на излез од земјава е 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира Авто мото сојузот на Македонија

Мицкоски: Не добив само реизбор, денес победи идејата за патот што го трасираме за Македонија

Мицкоски: Не добив само реизбор, денес победи идејата за патот што го трасираме за Македонија

Не добив само реизбор како претседател на ВМРО-ДПМНЕ туку денеска победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Честа е голема и обврската и долгот кон доделената задача уште поголема, истакна Христијан Мицкоски откако попладнево на партискиот конгрес што се одржува во Кавадарци беше реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ