Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по завршувањето на вториот круг од локалните избори 2025, им честиташе на граѓаните за достоинственото гласање. Тој истакна дека покрај трите освоени градоначалнички места во првиот круг, СДСМ има победи и во три општини од вториот круг — Центар, Македонска Каменица и Зрновци, и изрази надеж за уште неколку општини каде што разликата во гласови е мала. Воедно, најави политички и кадровски промени во СДСМ.
Филипче упати честитки до сите новоизбрани градоначалници, но, ја критикуваше, како што рече „деструктивната власт на ВМРО-ДПМНЕ“, обвинувајќи ја за притисоци врз кандидатите и злоупотреба на институциите.
„Изминатите две недели се вршеше огромен притисок на сите кандидати од 17-те општини каде што влеговме во втор круг. Не се бираа средства ниту методи и тоа само говори дека се соочуваме со истата деструктивна власт на ВМРО-ДПМНЕ, како во минатото, која ги злоупотребува сите институции кои ги има под контрола“, рече тој на вечерашната прес-конференција.
Согласно изборниот резултат на советничките листи, Филипче информираше дека СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок.
„Ова е поттик да продолжиме понатаму силно да се бориме против оваа Влада која никогаш повеќе нема да има таква подршка како на изборите минатата година – рече тој.
Претседателот на СДСМ посочи дека овие избори, како што рече, се јасен патоказ за СДСМ и за него како претседател.
„Јасно е какви политички и кадровски промени треба да се направат, и тие ќе се случат во наредните денови, ќе има седници на Извршниот одбор и на Централниот одбор на кои ќе ги обзнанам тие промени. Секако ќе планираме и конгрес на кој ќе се дискутираат политиките за следниот период“, изјави Филипче додавајќи дека не размислува за оставка бидејќи е на функцијата кратко време.
Потврди дека потпретседателката Ана Чупеска поднела оставка, а во однос на прашањето дали се најавени други оставки, рече дека јавноста наскоро ќе биде информирана за дополнителни кадровски решенија.
Слични новости
Од утре стартува проектот „Сејф сити“
До Нова година ќе трае пробен период – возачите ќе добиваат само предупредувања, без казни. Од јануари санкциите ќе бидат целосно активни.
Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“ во Центар
Општина Центар ја урна нелегално изградената доградба на деловен објект на улица Орце Николов број 139, која без одобрение за градење го узурпираше просторот наменет за граѓаните
Линеарното зголемување на пензиите е одлука на Владата, но Уставниот суд ќе го даде конечниот став
Барањето на сите релевантни здруженија на пензионери, вклучувајќи го и Сојузот на здруженија на пензионери во Република Македонија, беа во насока на линеарно зголемување на пензиите и Владата тоа го испочитува, но конечната оцена за уставноста на мерката треба да ја даде Уставниот суд, вели директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) Никола Мемов


