Опозициската СДСМ смета дека разговорите за промена на државниот грб е еден од низата неиспланирани предлози на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Како што тврди претседателот на партијата, Венко Филипче, предлогот бил на маса за време на владеењето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Тогаш беше дел од пакет на мерки кој што требаше да се донесе. Конкретно, сметам дека првата дилема што се поставува е дали во коалицијата со ВЛЕН, освен за овој предлог, ќе се разговара и за измена на химната? Тоа е нешто на што ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори. Сметаме дека државниот грб сосема соодветно ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје, јасен е континуитетот на НОБ и антифашистичка војна. Нема никаква поделба во однос на етнички групи. Доколку има таква иницијатива, со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб“, рече пратеникот и претседател на СДСМ, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.

Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН веќе разговарале за евентуална промена на државниот грб. Според премиерот Христијан Мицкоски, ова прашање е отворено и цени дека „ние сме една од двете пост-социјалистички земји кои што се уште го имаат стариот државен грб со мали модификации“.
ЛДП утрово предложи поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен токму за нашата држава.
Ваквата идеја потекнува од 2014 година кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски излезе со таков предлог. Тогаш стануваше збор за црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Меѓу објаснувањата на тогашната власт беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од советската хералдика.
Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.
До 2009 година, Македонија го користеше стариот социјалистички грб, додека пак на 16 ноември 2009 година е усвоен грб кој е многу сличен со стариот социјалистички и разликата е во тоа што е тргната црвената петокрака.
Слични новости
Филипче: заканите на премиерот за протести се оксиморон
Заканите на премиерот дека ќе се случел народ на судството е порака дека тој признава судство само по своја мерка и дека не сака ниту подобро, ниту...
Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ најави дека во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ ќе се стави крај на криминалот на Пуцко Петрол
Пуцко Петрол 30 години имал статус на бела мечка во македонското општество, дозволено му било преку тендери да внесува што сака и како сака. Сега, во време на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се стави крај на неговото криминогено однесување, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Асмир Јахоски од синоќа во затворот во Шутка, откако Кривичниот суд ја прифати жалбата на обвинителкството
Откако обвинителството се жалеше на куќниот притвор Кривичниот суд вчера на јавна седница ја преиначи одлуката и му додели притвор на Јахоски кој веќе е обезбеден од органите на прогон и се наоѓа во затворот во Шуто оризари.