Кошаркарите на Денвер Нагетс ги совладаа Сакраменто Кингс со 132:123, а Никола Јокиќ го одигра еден од најдобрите натпревари во својата НБА кариера.

Српскиот центар за 37 минути на теренот постигна 35 поени, имаше 22 скока и додаде 17 асистенции, а имаше и една украдена топка и две блокади. Тоа е петтиот „трипл-дабл“ на Јокиќ во низа оваа сезона.

Во историјата на НБА, само легендарниот Вилт Чембрлејн, во 1968 година, успеал да постигне статистика од 30+ поени, 20+ скокови и 15+ асистенции во еден натпревар.

Посебно за паметење ќе остане неверојатниот потег на Јокиќ на крајот од третата четвртина, кога при резултат 107:85, со еден потег ги одушеви сите во салата. Српскиот центар ја прими топката под својот кош, а потоа со едната рака ја фрли преку теренот – топката заврши токму во противничкиот кош.

НБА веднаш го сподели овој потег на социјалните мрежи, а многумина ја пофалија генијалноста на Јокиќ.

Што се однесува до самиот меч, Нагетс одиграа исклучително ефикасен дуел од првата четвртина и на пауза заминаа со резултат 74:52. Кралевите се обидоа да се вратат, но секој пат Јокиќ ги спречуваше да го направат тоа во текот на третата четвртина, вклучително и потег на крајот од четвртината, кога погоди „тројка“ преку целиот терен.

Денвер се опушти во последната четвртина и тоа можеше да го чини, Сакраменто во еден момент се спушти на минус пет, но беше предоцна за пресврт.

Покрај Србинот добар натпревар одиграа и Кристијан Браун со 21 поен, како и Мајкл Портер Јуниор кој постигна 20. Од друга страна блескаше ДеМар Дерозан со 24 поени, додека Домантас Сабонис имаше 23 поени и 19 скока.

Јокиќ и Денвер сега имаат 28 победи и 16 порази и се на 4. место во Западната конференција.

globe

Слични новости