Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ќе биде подготвена да се вклучи во преговори за ставање крај на нејзината речиси тригодишна војна со Русија, но нагласи дека САД и Европа, исто така, ќе мора да учествуваат во какви и да се разговори.
Зеленски, кој долго време бараше сите руски војници да ја напуштат територијата Украина како предуслов, во последните недели зборуваше за потребата од разговори за да се доведе конфликтот до „праведен“ крај.
Кремљ, чии сили напредуваат низ источна Украина со месеци, оваа седмица соопшти дека е премногу рано да се размислува за четиринасочни разговори. Портпаролот Дмитриј Песков повтори дека Зеленски е „нелегитимен“ лидер, бидејќи останал на власт по истекот на неговиот мандат.
Во интервју за британскиот новинар Пирс Морган, Зеленски, меѓу другото, рече дека Украина е подготвена, пред сè, за крајот на „жешката фаза“ на војната и дека сакаат мир.
„Ако луѓето веруваат дека треба да преминеме на дипломатскиот пат, а јас верувам дека сме подготвени за дипломатскиот пат, преговарачка маса треба да бидат САД, Европа, Украина и Русија“, рече тој во интервјуто емитувано на YouTube каналот на Морган, пренесе Reuters.
Ако седењето спроти Путин на преговарачката маса „е единствениот начин да се донесе мир на граѓаните на Украина (…), ние дефинитивно ќе се согласиме на тоа, на средба со тие четворица учесници“, додаде Зеленски кој донесе закон со кој не смее да се преговара со рускиот претседател.
Рускиот претседател Владимир Путин постојано го отфрла Зеленски како учесник во какви и да се преговори, велејќи дека не успеал да одржи избори кога му заврши мандатот во мај 2024 година.
Украина изјави дека нема законски можни избори додека е на сила воената состојба. Зеленски во интервјуто ги отфрли аргументите на Кремљ, велејќи дека е избран во 2019 година со 73 отсто од гласовите.
„Отсекогаш сум бил отворен за избори. Но, за време на војна, изборите бараат уставни промени и сериозни законски прилагодувања“, рече тој.
Тој додаде дека клучното прашање не е само правно, туку и човечко.
„Како ќе гласаат војниците во рововите? Што е со милионите Украинци на окупираните територии? Зарем нивните гласови веќе не се важни? А што е со осумте милиони Украинци кои се принудени да ја напуштат земјата поради војната“, праша Зеленски.
Американскиот претседател Доналд Трамп посочи дека Вашингтон и Москва веќе биле во контакт околу Украина, но висок руски дипломат рече дека директните контакти сè уште не се започнати.
Но, специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, го покрена прашањето за изборите минатата седмица, велејќи за Reuters дека Вашингтон сака Украина да одржи избори потенцијално до крајот на годината, особено ако Киев може да се согласи на прекин на огнот со Русија.
Во своите коментари за време на интервјуто, Зеленски повика да не се намалува притисокот врз Русија во форма на санкции, велејќи дека секој „одмор“ ќе го зголеми ризикот од нова инвазија.
Тој, исто така, даде проценки за жртвите, кои ретко се даваат, за двете страни во речиси тригодишниот конфликт.
Зеленски изнесе податоци, кои не можат независно да се проверат, дека украинските загуби се 45.100 убиени и 390.000 ранети, а руските загуби на 350.000 мртви и меѓу 600.000 и 700.000 ранети, при што „многу“ руски војници „исчезнаа во акција“.
Зеленски, исто така, го повтори своето уверување дека на Украина ѝ се потребни безбедносни гаранции за да се заштити од идните руски акции, но овојпат не го спомена своето барање Киев да добие нуклеарно оружје.
„Ако аспирацијата на Украина за членство во НАТО, која Русија ја отфрли, опстојува подолг временски период, каква форма на поддршка би можела да добие Украина„, праша тој.
„Што ќе нѐ брани од ова зло сето ова време? Каков пакет поддршка? Какви проектили? Дали ќе добиеме нуклеарно оружје? Потоа нека ни дадат нуклеарно оружје. Дали ќе ни дадат проектили во количини за да ја запреме Русија? Не сум сигурен во тоа“, рече Зеленски.
Слични новости
Ердоган и Шара во Анкара разговараа за чекори против курдските борци
На заедничката прес-конференција во Анкара, Ердоган рече дека Турција е подготвена да му помогне на новиот врв на Сирија во борбата против Исламската држава и курдските милитанти
Трамп става „максимален притисок“ врз Иран, подготвен за разговори
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека ќе биде подготвен да се сретне со својот ирански колега за да се обиде да го убеди Иран да се откаже од она што САД веруваат дека се напорите на Техеран да развие нуклеарно оружје, а во меѓувреме ќе ја обнови кампањата за „максимален притисок“ во Иран
Шведска: Околу десет лица убиени во училиште за возрасни
Шведската полиција во вторникот објави дека околу десет луѓе биле убиени во напад во училиште за образование на возрасни лица во Шведска, и дека верува дека напаѓачот е меѓу загинатите