Украина се согласи на непосреден 30-дневен прекин на огнот во војната со Русија за време на разговорите со американските претставници во Саудиска Арабија, се вели во заедничката изјава на земјите, а Вашингтон веднаш ќе продолжи со споделување разузнавачки информации и „безбедносна помош“ за Украина.
Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека ќе им ја пренесе понудата на Русите и дека „топката сега е на теренот на Москва“.
САД ќе продолжат да споделуваат разузнавачки информации со Киев, за кои претходно специјалниот пратеник на Трамп за Укаина, Стив Волц претходно рече и дека всушност никогаш и не биле прекинати. САД, исто така, ќе продолжат и со воената помош за Киев.
Украинските и американските претставници со часови разговараат зад затворени врати за да најдат начин да ја прекинат војната со Русија, откако силите на Киев во текот на ноќта го извршија најголемиот напад со беспилотни летала врз Москва во тригодишната војна.
По повеќе од осум часа разговори, двете страни издадоа заедничка изјава во која се наведува дека Украина е подготвена да го прифати предлогот на САД за непосреден 30-дневен прекин на огнот кој може да биде продолжен со заеднички договор на страните, под услов Русија да го прифати и спроведе.

„САД ќе ѝ кажат на Русија дека рускиот реципроцитет е клучот за постигнување мир“, се вели во соопштението.
Се додава дека „САД веднаш ќе ја прекинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе продолжат со безбедносната помош за Украина“.
Двете страни, исто така, рекоа дека Вашингтон и Киев се согласиле за потребата да склучат сеопфатен договор што е можно поскоро за развој на критичните минерални ресурси на Украина, договор што се работи со недели и стана неизвесен по расправијата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа минатата седмица.
Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна во вторникот изјави дека се надева оти Русија ќе се согласи со планот за прекин на огнот подготвен од американски и украински официјални лица и дека состанокот САД-Русија ќе се одржи подоцна во вторник или среда. Трамп, исто така, им рече на новинарите дека повторно ќе го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа. Двајцата челници идери се судрија на состанок во Овалната соба минатиот месец, а Зеленски го напушти Вашингтон без да потпише договор за критичните минерали.
Трамп рече дека се надева дека може да се постигне целосен прекин на огнот во Украина во наредните денови. Тој рече дека мисли дека ќе разговара за ова прашање со рускиот претседател Владимир Путин оваа седмица.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во вторникот вечерта за РИА Новости изјави дека Москва не исклучува контакти со американски претставници во следните неколку дена. Москва предхотно предупредуваше на лошото искуство во договорите за прекини на огнот и за решавање на украинската криза, кои му овозможиле според неа на Киев само да ги прегрупира своите сили и да ги продолжи воените дејствија.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ги поздравија вестите од Џеда во вторникот за разговорите меѓу делегациите на САД и Украина, вклучително и предлог за 30-дневен прекин на огнот што Киев е подготвен да го прифати.
„Ги поздравуваме денешните вести од Џеда за американско-украинските разговори, вклучително и предложениот договор за прекин на огнот и континуираната размена на разузнавачка и безбедносна помош од САД“, напишаа Кошта и фон дер Лајен на X.
Тие оценија дека ова е позитивен развој што може да биде чекор кон сеопфатен, праведен и траен мир за Украина.
„Топката сега е на теренот на Русија. ЕУ е подготвена да ја одигра својата целосна улога, заедно со своите партнери, во претстојните мировни разговори“, додадоа тие.
На разговорите реагираше и полскиот премиер Доналд Туск, кој ги опиша како важен чекор кон мирот. „Европа е подготвена да помогне да се постигне праведен и траен мир“, напиша тој на X.
Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер го поздравија во вторникот вечерта предлогот за 30-дневен прекин на огнот што го договори Украина и рекоа дека сега е на Русија да ги прекине борбите. И двајцата рекоа дека „топката сега е на теренот на Русија“, како што веќе изјавија делегациите на САД и Украина.
„Франција и нејзините партнери остануваат посветени на цврст и траен мир, поткрепен со цврсти безбедносни гаранции за Украина“, напиша тој на X.
Стармер им честиташе на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на американскиот претседател Доналд Трамп за „исклучителниот чекор напред“.
„Русија сега мора да се согласи на прекин на огнот, а исто така и на прекин на борбите“, рече Стармер во изјавата објавена од неговата канцеларија.
Тој рече дека ќе го искористи состанокот на светските лидери на кој Британија го повика во сабота за да разговара за следните чекори. „Подготвени сме да помогнеме да се стави крај на оваа војна на праведен и траен начин што ќе ѝ овозможи на Украина да ужива во својата слобода“, рече тој.
Слични новости
Пакистанските сепаратисти земаа 182 заложници
Безбедносните сили соопштија дека се слушнала експлозија во близина на тунелот и дека имало размена на оган со милитантите во планинската област
ЕУФОР: Распоредуваме воено засилување во БиХ
Военото засилување на ЕУФОР во Босна и Херцеговина почна да пристигнува, потврди во вторникот командата на силите на Европската унија во Сараево
Фон дер Лајен: Урнати се илузиите за европската безбедност
Илузиите за безбедноста на Европа се урнати и Европската унија мора веднаш да почне да инвестира значително повеќе во својата одбрана, изјави во вторникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето пред Европскиот парламент