Новоизбраниот претседател на Соединетите држави, Доналд Трамп, во неделата изјави дека се залага TikTok да продолжи да работи во земјата барем некое време, тврдејќи дека добил милијарди прегледи на оваа социјална платформа за време на претседателската кампања.
Коментарите на Трамп пред толпата конзервативни поддржувачи во Феникс, Аризона, беа еден од најсилните сигнали досега за неговото противење на можното излегување на TikTok од американскиот пазар.
Во април, Сенатот усвои закон со кој се бара од матичната компанија на TikTok, кинеската „ByteDance“, да ја продаде апликацијата, повикувајќи се на загриженост за националната безбедност.
Сопствениците на TikTok се обидоа да го поништат законот, а Врховниот суд на САД се согласи да го сослуша случајот. Но, ако судот не донесе одлука во корист на „ByteDance“ и продажбата не се случи, забраната за апликацијата во САД би можела да стапи на сила на 19 јануари, ден пред Трамп да ја преземе функцијата претседател.
Нејасно е како Трамп ќе постигне поништување на одлуката за задолжителна продажба на TikTok, која беше изгласана со огромно мнозинство во Сенатот.
„Мислам дека ќе треба да почнеме да размислуваме за тоа затоа што, знаете, отидовме на TikTok и имавме одличен одговор со милијарди прегледи, милијарди и милијарди прегледи“, изјави Трамп пред присутните на AmericaFest, годишен собир организиран од конзервативната група Turning Point.
„Ми ги покажаа бројките, тие беа рекордни, и беше толку убаво да се види, и додека ја гледав, реков ‘добро, можеби треба да го задржиме овој јадник уште некое време“, рече тој.
Трамп во понеделникот се сретна со извршниот директор на TikTok. На прес-конференција истиот ден, тој рече дека TikTok „го добил“ благодарение на успехот на неговата кампања на апликацијата.
Американското Министерство за правда тврди дека кинеската контрола над TikTok претставува континуирана закана за националната безбедност, позиција што ја поддржуваат повеќето американски законодавци.
Во неделата во Феникс, Трамп повторно се сврте кон имиграцијата, уште една централна тема во неговата кампања.
Тој вети дека на неговиот прв ден на функцијата ќе „потпишам серија одлуки за затворање на нашата граница за илегалните имигранти и запирање на инвазијата на нашата земја. А истиот ден ќе ја започнеме најголемата операција за депортација во историјата на САД“.
„20-ти јануари навистина ќе биде ден на ослободување во Америка“, рече тој за време на настан организиран од Turning Point USA, конзервативна младинска организација.
Тој најави и дека ќе престане со „трансродовото лудило“ уште на првиот ден на функцијата, наведувајќи дека под негова администрација ќе има два пола – машки и женски.
„Ќе потпишам извршни наредби за ставање крај на сексуалното осакатување на децата, исклучување на трансродовите лица од војската и исклучување од нашите основни и средни училишта.
Трамп им вети на толпата млади конзервативци „да ги држи мажите надвор од женскиот спорт“, додавајќи дека „официјалната политика на владата на Соединетите држави ќе биде дека има само два пола, машки и женски“.
Слични новости
Десетици загинати во израелските напади врз Појасот Газа и Западниот брег
Околу 30 лица загинаа во нови израелски напади во Појасот Газа, објавија во неделата палестинските медиуми
Путин го прими словачкиот премиер Фицо, транзитот на гасот веројатно тема на разговорите
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата во Кремљ го прими словачкиот премиер Роберт Фицо, еден од ретките европски челници со кои останува близок, јави руската телевизија
Зеленски: Членството на Украина во НАТО е „остварливо“
Членството на Украина во НАТО е „остварливо“, но Киев ќе мора да се бори за да ги убеди сојузниците и да го оствари тоа, изјави претседателот Володимир Зеленскиј пред украинските дипломати