Американскиот претседател Доналд Трамп ја доби наградата за мир, која првпат годинава ја доделува светската фудбалска федерација ФИФА.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, му ја врачи наградата на Трамп за време на жрепката за групите на Светското првенство што се одржа во Вашингтон во петокот. Трофејот го донесоа на сцената четворица американски маринци. Покрај „Наградата за мир на ФИФА“, американскиот претседател доби и медал што веднаш го стави.
„Наградата за мир на ФИФА се доделува секоја година на исклучителна личност која е посветена на промовирање на мирот низ целиот свет преку својата непоколеблива акцтовност. Како и сите овде во просторијата, гледаме слики од војна низ целиот свет, како и сите други, страдаме за секое дете што умира и плачеме со секоја мајка што губи некого што го сака“, рече Инфантино.
„Сакаме да живееме во безбеден свет. Дефинитивно ја заслужувате првата награда за мир на ФИФА, која ја освоивте на свој начин. Секогаш можете да сметате на мојата поддршка и на поддршката од фудбалската заедница“, додаде Инфантино.
„Ова е навистина една од најголемите почести во мојот живот. Спасивме милиони животи. Конго беше пример. Повеќе од десет милиони луѓе беа убиени, а уште десет милиони ќе беа убиени. Индија и Пакистан… толку многу различни војни што можевме да ги завршиме, а во некои случаи и пред да започнат.. Ви благодарам за оваа чест, светот сега е помирно место“, рече Трамп.
Американскиот претседател им се заблагодари на Канада и Мексико за нивното пријателство и заедничката организација на мундијалот наредното лето, додавајќи дека ќе создадат „настан каков што светот никогаш не видел“.
Шефот на кровната организацијата на фудбалот неодамна изјави дека има одличен однос со Трамп. „Имам одличен однос со претседателот Трамп, кого го сметам за многу близок пријател“, рече Инфантино.
„Секако, тој беше од голема помош во сè што правиме за Светското првенство. Има неверојатна енергија и навистина го ценам тоа. Тој дејствува. И го прави она што го кажува. Зборува она што го мисли. Всушност, тој го кажува она што многу луѓе го мислат, но можеби не се осмелуваат да го кажат“, додаде првиот човек на светскиот фудбал.
Слични новости
Интер Мајами првпат ја освои МЛС
Фудбалерите на Интер Мајами, предводени од легендарниот Аргентинец, 38-годишниот Лионел Меси, ја освоија шампионската титула во МЛС првпат во својата историја откако како домаќини ги победија Ванкувер Вајткепс со 3:1 во финалето
Атлетик победи во дербито против Атлетико
Во дерби натпреварот од 15-то коло на шпанската Ла Лига, фудбалерите на Атлетик Билбао на својот стадион „Сан Мамес“ во саботата вечерта го победија Атлетико Мадрид со минимални 1:0
Бразил доби тешка група, оцени Анчелоти
Бразил е извлечен во „тешка група“ на Светското првенство во 2026 година, со Мароко, Шкотска и Хаити како негови противници, изјави селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, по жрепката во Вашингтон


