Американскиот претседател Доналд Трамп во средата телефонски разговараше за војната во Украина со рускиот претседател Владимир Путин а веднаш потоа и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, што се оценува како голем чекор кон дипломатските преговори за конфликтот на кој републиканецот вети дека ќе стави крај.
Во долгата објава на својот профил на социјалните мрежи Truth Social, Трамп рече дека тој и Путин „се договориле нивните преговарачки тимови веднаш да започнат преговори“ и дека тој ќе започне со тоа што ќе го повика претседателот Зеленски да го „информира“ за нивниот разговор.
Кремљ објави дека Трамп и Путин разговарале околу час иполовина и дека се договориле да се сретнат. Руската новинска агенција ТАСС објави дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва.

Во својот пост, републиканецот зборува за „долг и многу продуктивен“ разговор со неговиот руски колега за „Украина, Блискиот исток, енергијата, вештачката интелигенција, јачината на доларот и разни други теми“.
„Се осврнавме на големата историја на нашите нации и на фактот дека заедно се боревме толку успешно во Втората светска војна, сеќавајќи се дека Русија загуби десетици милиони луѓе, а и ние изгубивме многу“, напиша Трамп на својата платформа.
„И двајцата зборувавме за силата на нашите народи и за големите придобивки што еден ден ќе ги извлечеме од нашата соработка. Но, прво, како што се договоривме, мора да ги запреме милионите смртни случаи што се случуваат во руско-украинската војна.Претседателот Путин дури го искористи моето многу силно предизборно мото: здрав разум“, продолжи Трамп.
По разговорот со украинскиот претседател, Трамп на Truth Social напиша дека Зеленски сака „да постигне мир“. „Разговорот помина многу добро. Тој, како и претседателот Путин, сака да постигне МИР“, напиша тој.
Кабинетот на Зеленски потоа објави дека тој и Трамп разговарале околу еден час, а самиот украински претседател напиша на X дека тој и Трамп разговарале за „можностите за постигнување мир“, „нашата подготвеност да работиме заедно… и технолошките способности на Украина… вклучувајќи беспилотни летала и други напредни индустрии“.
Американскиот претседател објави дека му наредил на државниот секретар Марко Рубио, директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA), Џон Ретклиф, советникот за национална безбедност Мајкл Валц и амбасадорот и специјалниот пратеник Стив Виткофф да ги водат преговорите за кои „силно верува дека ќе бидат успешни“.
„Милиони луѓе загинаа во војна што немаше да се случи ако јас бев претседател, но се случи и мора да заврши“, додава Трамп.
За време на неговата претседателска кампања, Трамп тврдеше дека ќе ја прекине војната во Украина во рок од 24 часа по влегувањето во Белата куќа, без да открие како има намера да го постигне тоа.
Неговиот министер за одбрана Пит Хегсет претходно во средата во седиштето на НАТО во Брисел изјави дека враќањето на Украина на нејзините граници од пред 2014 година не е реално и дека американската влада не гледа на членството на Киев во НАТО како решение за ставање крај на војната.
Околу една петтина од украинската територија моментално е под руска окупација. Москва бара дополнителна територија и постојана неутралност од Киев за да се стави крај на конфликтот.
Украина бара Русија да се повлече од освоените територии и сака членство во НАТО или слични безбедносни гаранции кои ќе ја заштитат од идни напади на нејзиниот источен сосед.
Според последните изјави на украинското водство, се чини дека Киев е подготвен да се откаже од членството во Северноатлантскиот договор, но нагласува дека му е потребна воена поддршка за прекин на огнот.
„Ако Украина не е во НАТО, тоа значи дека Украина ќе го изгради НАТО на своја територија. Значи, ни треба армија толку голема колку што имаат Русите денес“, рече Зеленски во интервјуто за Економист објавено во средата.
„И за сево ова ни треба оружје и пари. И тоа ќе го бараме од САД“, рече украинскиот претседател, нарекувајќи го „план Б“.
Во Брисел, Хегсет рече дека најголемиот дел од идна воена помош за Украина ќе треба да доаѓа од европските сојузници.
Слични новости
Зеленски: Украина никогаш нема да ги признае окупираните територии како руски
Украина никогаш нема да ги признае окупираните територии за руски, изјави во средата украинскиот претседател Володимир Зеленски, ден откако во саудиска Џеда неговите претставници го прифатија американскиот предлог за триесетдневно примирје во војната со Русија
Лондон е разочаран од американските царини, но не планира контрамерки
Обединетото Кралство нема намера веднаш да воведе контрамерки против Соединетите држави откако во средата стапија на сила царините од 25 отсто за американскиот увоз на челик и алуминиум од целиот свет, како што вети американскиот претседател Доналд Трамп, објави во средата британската влада
Руски извори се скептични за американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот
Руски извори реагираа претпазливо на предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот што Киев го поддржа во средата, велејќи дека секој договор за ставање крај на војната во Украина треба да го земе предвид напредокот на Русија и да одговори на загриженоста на Москва