Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека пукањето во средата врз двајца припадници на Националната гарда во Вашингтон е „чин на терор“.
„Двајца припадници на Националната гарда кои служат во Вашингтон беа застрелани од непосредна близина во монструозен напад во стилот на заседа, само неколку чекори од Белата куќа“, рече Трамп во кратко видео обраќање од Палм Бич, на Флорида.
„Овој гнасен напад беше чин на зло, чин на омраза и чин на терор. Тоа беше злосторство против целата наша нација, тоа беше злосторство против човештвото“, рече американскиот претседател.
Двајца припадници на Националната гарда беа застрелани во близина на метро станицата Фарагут Вест, недалеку од Белата куќа, околу 14:15 часот по локално време, соопшти локалната полиција на прес-конференција околу два ипол часа по инцидентот. Официјалните лица изјавија дека се во критична состојба.
Службеникот на полициската станица Џефри Керол изјави дека единствениот осомничен за пукањето бил совладан од други припадници на Националната гарда, уапсен и однесен во болница на лекување.
Трамп во своето обраќање рече дека „врз основа на достапните информации, Министерството за внатрешна безбедност верува дека осомничениот во притвор е странски државјанин кој влегол во нашата земја од Авганистан – пеколот на Земјата“.
Трамп продолжи да го обвинува својот претходник, Џо Бајден, велејќи дека осомничениот бил „донесен со авион од администрацијата на Бајден во 2021 година… неговиот статус бил продолжен според закон потпишан од претседателот Бајден, катастрофален претседател, најлошиот во историјата на нашата земја“.
„Секој странски државјанин кој влегол во нашата земја од Авганистан под Бајден“ сега мора повторно да биде испитан, рече Трамп. „Мора да преземеме сите потребни мерки за да обезбедиме отстранување на секој странски државјанин од која било земја кој не припаѓа тука или кој не е од корист за нашата земја“.
На прес-конференција околу два ипол часа по инцидентот, директорот на Федералното биро за истраги (FBI), Кеш Пател, и градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер, рекоа дека двајцата припадници на Националната гарда се во критична состојба откако гувернерот на Западна Вирџинија, Патрик Морисеј, првично изјави дека починале.
Керол рече дека „припадниците на Националната гарда на Вашингтон биле во патрола со голема видливост… кога осомничениот се појавил зад аголот, ја кренал раката со огнено оружје и пукал кон припадниците на Националната гарда“. „Во моментов нема индиции дека има дополнителни осомничени“, рече тој. „Единствениот осомничен вклучен во овој инцидент бил повреден за време на интеракцијата и бил префрлен во болница на лекување“, додаде.
Осомничениот бил идентификуван од Министерството за внатрешна безбедност како 29-годишиот Рахманула Лаканвал, авганистански државјанин кој дошол во Соединетите држави во рамките на програмата за преселување на илјадници Авганистанци кои им помогнале на Соединетите држави за време на војната во Авганистан и се плашеле од одмазда од талибанските сили кои ја презеле контролата врз нивната татковина по повлекувањето на САД.
Властите изјавија дека сè уште не утврдиле мотив за пукањето.
Службеник на администрацијата на Трамп, зборувајќи под услов да остане анонимен, рече дека Лаканвал аплицирал за азил во декември 2024 година и му бил одобрен на 23 април година, три месеца откако Трамп ја презеде функцијата. Лаканвал, кој живеел во државата Вашингтон, немал криминално досие, рече службеникот.
Доцна во средата навечер, Службата за државјанство и имиграција на САД објави моментално и неопределено суспендирање на „сите апликации за имиграција што вклучуваат авганистански државјани“.
Повеќе од 2.000 припадници на Националната гарда се распоредени во главниот град на САД со месеци. Трамп им нареди да бидат испратени во Вашингтон во август, наведувајќи го наводниот раширен криминал како причина за нивната мобилизација. Статистиката за криминалот не ја поддржува оваа тврдење, пишува Reuters.
Главниот град презеде правни мерки против распоредувањето. Федерален судија неодамна го прогласи распоредувањето на Националната гарда за нелегално и нареди нивно повлекување.
Сепак, судијката ја суспендираше својата одлука на три седмици за да ѝ дозволи на администрацијата на Трамп да се жали. Затоа, наредбата останува на сила до 11-ти декември.
По пукањето, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет рече дека Трамп го замолил „да испрати дополнителни 500 војници, членови на Националната гарда, во Вашингтон“. Во своето обраќање Трамп потврди дека го поднел барањето.
Слични новости
Најмалку 23 мртви во пожар во ноќен клуб во Гоа
Најмалку 23 лица, меѓу кои и неколку странски туристи, загинаа во пожар во популарниот ноќен клуб Арпори во индиската држава Гоа
Грчката крајбрежна стража пронајде брод со 18 мртви мигранти
Грчката крајбрежна стража пронајде брод со 18 мртви мигранти близу брегот на Крит, објави грчката јавна телевизија ERTnews во саботата
Зеленски задоволен од разговорот со Виткоф
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека имал долг и „содржаен“ телефонски разговор со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, како и со зетот на Трамп, Џаред Кушнер


