Американскиот претседател Доналд Трамп направи нагла промена во својата политика кон Иран, откако неколку часа пред истекот на примирјето меѓу двете земји објави дека еднострано го продолжува.

Само неколку часа претходно, во интервју за американската телевизија Си-Ен-Би-Си, Трамп изјави дека нема намера да го продолжи примирјето. Тој дури предупреди дека, доколку не дојде до брз договор со Техеран, САД ќе ги продолжат воените напади.

„Очекувам повторно да бомбардираме, затоа што тоа ни дава подобра преговарачка позиција. Војската е подготвена“, изјави Трамп, додавајќи дека за САД ќе биде склучен „одличен договор“ и дека Иран „нема избор“.

Иран засега не сака да ги продолжи преговорите за мир во Исламабад. Советникот на иранскиот главен преговарач и претседател на парламентот, Мохамад Багер Галибаф, напиша на платформата X дека продолжувањето на примирјето „нема никакво значење“.

Иран смета дека американската блокада на иранските пристаништа претставува директно кршење на примирјето.

Трамп, пак, јасно стави до знаење дека блокадата ќе продолжи, што е клучна пречка за какви било понатамошни разговори.

Според демократскиот конгресмен Сет Молтон, одлуката на Трамп покажува дека не САД, туку Иран ја има контролата врз ситуацијата. „Техеран го има последниот збор. Иранците очигледно многу подобро разбираат како размислува Трамп, отколку што Трамп ги разбира нив“, изјави Молтон за Си-Ен-Ен.

Според него, Трамп со продолжувањето на примирјето само купува време, бидејќи нема јасна стратегија што да направи понатаму. „Нема план – и никогаш немало. А ни самиот Трамп не знае како да излезе од оваа ситуација“, оценува Молтон.

 

Слични новости

Иран: Заканите на Трамп со блокада се бесмислени и смешни

Иран: Заканите на Трамп со блокада се бесмислени и смешни

Командантот на иранската морнарица контраадмиралот Шахрам Ирани ги отфрли како „крајно бесмислени и смешни“ најновите закани на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе поморска блокада на Ормутскиот теснец.

САД најавија блокада на иранските пристаништа

САД најавија блокада на иранските пристаништа

Од денеска САД ќе воведат блокада на иранските пристаништа со цел да се спречи движењето на бродови по клучната рута за транспорт на нафта и гас, објави претседателот Доналд Трамп. Тој најави „целосна блокада“ на Ормуска Теснина по неуспешните мировни преговори со Иран.

Тиса на Петар Маѓар убедлив победник на изборите во Унгарија, Орбан падна по 16 години на власт

Тиса на Петар Маѓар убедлив победник на изборите во Унгарија, Орбан падна по 16 години на власт

На вчерашните избори во Унгарија опозициската партија Тиса на Петар Маѓар е спектакуларен победник, откако според првичните резутати на изборната комисија освои дури 138 места од 199-те места во парламентот и самата ќе има двотретинско мнозинство.