Американскиот претседател Доналд Трамп во средата објави нова царина од 25 отсто за сите автомобили увезени во Соединетите држави, со цел да се поттикне домашната автомобилска индустрија, јави dpa.

„Ова ќе продолжи да поттикнува раст каков што досега не сте виделе“, рече Трамп од Овалната соба.

Горенаведените давачки од 25 проценти ќе стапат на сила на 2 април и ќе се применуваат за сите автомобили што не се произведени во САД, што значи дека дури и американските производители со модели произведени во странство ќе подлежат на царини според овој модел.

Сегашната царина за странски автомобили во САД е 2,5 отсто, што значи дека е огромно зголемување. Приближно половина од сите автомобили што се продаваат во САД се увезени, а Трамп уште во својот прв претседателски мандат ја истакнуваше несразмерноста во увозот на странски возила, особено од Европа, во споредна со извозот на американските автомобили.

Многу брзо по објавата во Белата куќа, доцна ноќта во средата Европската комисија објаво дека ќе ја анализира, поточно ќе ја оцени најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за царини од 25 отсто за увоз на автомобили во САД. Ќе бидат разгледани и други мерки што ги најави американскиот претседател.

„Како што реков претходно, тарифите се даноци, тие се лоши за бизнисите, полоши за потрошувачите и во САД и во Европската унија“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во изјавата.

Унијата ќе продолжи да бара решенија додека ги штити своите економски интереси, додаде таа.

„Како голема трговска сила и силна заедница од 27 земји-членки, ќе работиме заедно за да ги заштитиме нашите работници, бизниси и потрошувачи низ нашата Европска унија“, заклучи Урсула фон дер Лајен.

Царините се најнови во серијата давачки наметнати од американскиот претседател откако ја презеде функцијата. Меѓу другото, Трамп досега воведе царина од 20 отсто за целиот увоз од Кина и глобална царина од 25 отсто за увезените производи од челик и алуминиум.

Во февруари, Трамп објави сеопфатни царини од 25 отсто за сите канадски и мексикански увозни производи. Но, подоцна ги суспендираше царините на одредени стоки и услуги според Договорот САД-Мексико-Канада (USMCA).

globe

Слични новости

Близок соработник на Нетанјаху уапсени поради врски со Катар

Близок соработник на Нетанјаху уапсени поради врски со Катар

Израелската полиција објави во понеделникот дека во рамките на истрагата за примање мито од Катар уапсени се две лица, од кои едното, како што потврди партијата Ликуд, е близок партиски соработник на премиерот Бенјамин Нетанјаху

Телата на палестински болничари извлечени од плитка гробница во песокот на Газа

Телата на палестински болничари извлечени од плитка гробница во песокот на Газа

Телата на осумте болничари од Црвената полумесечина и уште неколку палестински спасувачи, кои се најдоа под израелски оган пред повеќе од една седмица, се извлечени од гробница во песокот во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија во понеделник официјални лица на Обединетите нации