На Волстрит, индексот S&P 500 достигна ново рекордно високо ниво во средата, како и „Nasdaq“ индексо, во голема мера благодарение на силниот пораст на цените на акциите на технолошките гиганти како „Alphabet“ и „Tesla“.
Индексот Dow Jones загуби 0,22 отсто, на 44.148 поени, додека S&P 500 порасна за 0,82 отсто, на 6.084 поени, а Nasdaq индексот зајакна 1,77 отсто, на 20.034 поени.
По два дена пад, вчера S&P 500 и Nasdaq индексите значително пораснаа и достигнаа нови рекордни нивоа. Тоа најмногу се должи на растот на цените на акциите на технолошките гиганти. Од т.н „Седум величествени“ компании, акциите на четири од нив вчера достигнаа рекордно ниво – „Alphabet“, „Tesla“, „Meta Platforms“ и „Amazon“.
Цената на акцијата на „Alphabet“ скокна за околу 11 отсто во последните два дена, откако компанијата го претстави новиот чип кој, како што велат, претставува голем чекор напред во информатичките технологии.
Цената на акцијата на „Tesla“ вчера скокна, пак, за 6 отсто. Откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во ноември, цената на производителот на електрични автомобили порасна за повеќе од 70 отсто, бидејќи инвеститорите се обложуваат дека добриот однос на основачот на компанијата Илон Маск со Трамп ќе придонесе за бизнисот на „Tesla“.
Во пет од 11-те најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите вчера пораснаа, најмногу во секторите за комуникација, технологија и потрошувачи.
Во фокусот на инвеститорите беше извештајот за потрошувачките цени во САД, кој покажа дека инфлацијата во ноември порасна на 2,7 отсто на годишна основа, додека еден месец претходно изнесуваше 2,6 отсто. Иако инфлацијата сѐ уште се движи далеку над целното ниво на американската централна банка од 2 отсто, пазарот очекува Fed да ги намали каматните стапки по трет пат оваа година, за дополнителни 0,25 процентни поени, на дводневниот состанок од 17 декември до 18.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,26 отсто, на 8.301 поен, додека франкфуртски DAX зајакна 0,34 отсто, на 20.399 поени, а париски CAC 0,39 отсто, на 7.423 поени.
Слични новости
Волстрит: Внимателно тргување, индексите стагнираат
На Волстрит берзанските индекси беа главно непроменети во четвртокот, бидејќи пазарот не успеа да закрепне од остриот пад ден претходно, кога американската централна банка сигнализираше дека има намера да го забави темпото на намалување на каматните стапки
Индија се подготвува за трговски односи со САД во новата ера на Трамп
Индија се подготвува за можни трговски разговори со САД насочени кон зголемување на американските инвестиции и поголем извоз, откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата следниот месец
Германските компании планираат помалку вработувања и повеќе отпуштања
Со продолженото слабеење на германската економија, сѐ помалку тамошни компании сакаат да вработуваат а сѐ повеќе размислуваат за отпуштања