Наследивме девастирано и комплетно дегенерирано здравство и нормално е дека е невозможно со магично стапче за седум до осум месеци од македонско здравство да направите норвешко или шведско здравство, изјави министерот Арбен Таравари во Неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Во изминатите месеци, како што вели, тие прават сѐ според можностите да се подобрат состојбите, спомнувајќи дека е потпишан колективниот договор со медицинскиот кадар и медицинскиот персонал.
„Покачени се платите на докторите за 5 отсто минатата година, од 1 ноември, и во март треба уште 5 отсто повторно, додека за медицинските сестри е покачена до 17 отсто платата. Ова е една од работите што е направена“, вели Таравари.

За најавеното вработување на 600 приватни специјализанти, вели дека болниците може набргу сами да објават конкурси и да ги вработат. Соопшти дека 300 ќе бидат вработени до крајот на март, 300 други до крајот на декември 2025.
„Имено, 1.200, односно 1.180 средномедицински кадар, генерално, кои беа договорци по пет, 10 и повеќе години, исто така, до крајот на март, треба на сите овие да им се даде решение во здравствените установи. Меѓутоа, чекаме заедно со специјализантите и овие да бидат третирани“, посочи министерот во интервјуто.
Наскоро тој рече дека очекува скопската Гратска општа болниа „8-ми Септември“ да стане регионална болница и дека интензивно се работи на подготвување на целата документација. Како што рече, не само „8-ми Септември“, регионални болници ќе станат и клиничките болници во Тетово, Штип и во Битола.
„Идејата е и ‘8-ми Септември’ да се дисперзира како и цела Онкологија да функционира слично на Трансфузиологија. Значи, институтот, односно Клиниката за онкологија и радиотерапија да биде одговорна за сите центри, и во ‘8-ми Септември’, и во Битола, и во Штип и во Тетово. Така би функционирало најдобро, под ист чадор да се сите, како што функционира и Трансфузиологија одамна во Македонија. Ваквата организираност на Клиниката за онкологија со филијали во овие градови би било најфункционално. Ќе видиме, времето ќе покаже дали ќе функционират или нема да функционираат“, смета Таравари.
Во интервјуто за РСЕ министерот за здравство одговара и на прашања за наталожените долгови на болниците и за нивната рационализација. Во врска со долговите смета дека треба да се најде решение, а едно од можните решенија, вели, „можеби и кога ќе ја направиме Стратегијата да размислиме да почнеме од почеток“.
Во однос на потребата од рационализирање на болниците, Таравари одговори дека „имаме луксузно здравство во моментот“ затоа што во два блиски града работат болници што даваат исти услуги за пациентите.
„Невозможно е во Струга и во Охрид, кои се седум километри еден од друг, во овие два града да има седум болници. Невозможно е Тетово и Гостивар, кои се 25 километри, односно 20 минути патување со кола или 30 минути, да имаат две огромни болници во кои ќе се третираат и педијатрија и ортопедија и хирургија, и гинекологија. Има повеќе вакви болници низ државата, во градови кои се на 20-30 км, а имаат две огромни болници. Ние мора долгорочно да размислуваме“, додава Таравари во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Слични новости
Има интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија, вели Рокас, ЕУ лидери ќе го посетат Скопје во следните месеци
Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија, во таа насока лидери на Европската Унија ќе го посетат Скопје во следните месеци, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас, по поставување камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“
Мицкоски не очекува криза, но смета дека заканите од ДУИ ќе продолжат со несмален интензитет
Премиерот Христијан Мицкоски не очекува политичка криза во пресрет на локалните избори, но очекува, како што изјави денеска, заканите од страна на ДУИ да продолжат со несмален интензитет.
Мисајлоски: Буџетот за одбраната е два отсто и ќе се зголемува со растот на економијата
Сегашното издвојување од Буџетот за одбраната е над два проценти и тој процент ќе се зголемува со растот на економијата, но засега и наеднша е тешко остварливо да се постигнат пет проценти, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски