Сојузен судија во петокот привремено ја блокираше администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги замрзне сојузните грантови, заеми и друга финансиска помош.
Одлуката на американскиот окружен судија Џон Мекконел од Провиденс, Род Ајленд, беше донесена на барање на демократските јавни обвинители од 22 сојузни држави и главниот град Вашингтон, и покрај тоа што Белата куќа соопшти дека го повлекла дописот од Канцеларијата за управа и буџет во кој детално се наведува одлуката којашто демократите ја доживуваат како контроверзна, а беше објавена во понеделник.
Мекконел рече дека доказите покажувале дека политиките на Трамп и натаму остануваат на сила, и покрај формалното повлекување на „широкиот, сеопфатниот и двосмислен“ меморандум од Канцеларијата за управување и буџет на САД.
Според него, тоа е направено „само на хартија“, а можеби и со цел да се отежнат правните оспорувања. Судијата издаде привремена забрана за администрацијата да ја суспендира финансиската помош за сојузните држави.
Мекконел, кој беше назначен од поранешниот демократски претседател Барак Обама, истакна дека Конгресот не му дал на претседателот „неограничена овластување на широко и неодредено време да ги замрзне сите средства кои се експлицитно определени за конкретни корисници и цели“.
Додаде дека ненадејното замрзнување на потенцијално трилиони долари сојузни пари ќе предизвика верижна реакција што директно ќе ја загрози способноста на американските сојузни држави и другите институции да обезбедуваат основни услуги за своите граѓани.
Трамп веќе издаде извршни наредби со кои се обидува да ја запре странската помош, да ги замрзне сојузните вработувања, да ги елиминира програмите за различности во десетици сојузни агенции и да го промени статусот на сојузните службеници за да ги олесни отпуштањето, истовремено нудејќи финансиски стимулации на милиони службеници да ја напуштат државната служба.
Слични новости
Италијански суд повторно го блокираше притворањето мигранти во Албанија
Судот во Рим во петокот нареди група мигранти затворени во камповите во Албанија да бидат префрлени во Италија, велат изворите на Reuters, што е...
Бела куќа: Од сабота на сила стапуваат царините за Канада, Мексико и Кина
Американските царини за Канада, Мексико и Кина ќе стапат на сила во сабота, изјави во петокот портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит
Германија: Отфрлен предлог-законот за ограничување на имиграцијата на демохристијаните
По жестоката дебата во петокот, Бундестагот го отфрли предлог-законот на Христијанско-демократската унија CDU/CSU за намалување на напливот мигранти кои немаат право на азил