Владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски ќе учествува на унгарско-македонскиот владин самит што денеска и утре ќе се одржи во Унгарија. Како што соопшти владината прес-служба, согласно агендата предвидени се тет-а-тет средба меѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во рамки на владиниот самит предвидено е да се одржат и билатерални средби меѓу ресорните министри на двете влади, по што ќе следи и заедничка седница на двете влади.
Во рамки на првиот ден предвидено е министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешна политика и трговија Петер Сијарто да потпишат акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика во Будимпешта.

По завршување на меѓувладината седница утре заедничка прес-конференција ќе одржат двајцата премиери.
Премиерите Мицкоски и Орбан ги предводеа владините делегации на заедничката меѓувладина седница што се одржа во септември лани во Охрид, на која беше потврдено стратешкото сојузништво меѓу двете земји и реафирмирана силната унгарска поддршка за нашата евроинтеграција.
„Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на Европската унија и нашите аспирации за полноправно членство. Унгарија не е само наш партнер на европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција“, истакна македонскиот премиер.
Унгарскиот премиер, пак, кажа дека голема грешка е што земјава не е членка на ЕУ и понуди да посредува во решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија, што Софија потоа експресно го одби.
„Нашиот став е јасен, зачленувањето на Западен Балкан е важно за неговата стабилност, но и за стабилноста на Унгарија, па и на самата ЕУ. Застојот во процесот на проширување, како во случајов со Северна Македонија, не е фер. Подготвени сме да разговараме за овие прашања и да работиме на тој план – рече тогаш премиерот на Унгарија како претседавач со ЕУ.
Во Охрид стана збор и за стратешките проекти како транспортниот и енергетскиот коридор север – југ кој што го поврзува Балканот со Унгарија и е од огромно значење за енергетската сигурност и економскиот раст на целиот регион. Беше истакнато дека нашата соработка со Унгарија ќе биде клучна за успешна имплементација на овие иницијативи.
Мицкоски и Орбан на маргините на НАТО самитот во Вашингтон договорија воспоставување специјална економска соработка и заем за земјава од милијарда евра, од кои 500 милиони евра се искористија за отплаќање на еврообврзницата од 2018 година. Остатотокот од средствата – 250 милиони наменети се за поддршка за стопанството и исто толку за инфраструктурни проекти во општините.
Премиерот Виктор Орбан во 2013 година во Охрид од страна на тогашниот претседател Ѓорге Иванов беше одликуван со Орден „8-ми Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија.
Слични новости
Да одговараат судиите и обвинителите кои ја кочеле правдата во повеќе случаи, побара новата иницијатива „Нула“ од Тетово
Група млади лица од Тетово кои се идентификуваат како иницијатива „Нула“ денеска пред зградата на Основен суд Тетово и Обвинителството оставија противпожарен апарат за да симболично ја потенцираат важноста од потреба за правда во трагедии кои се случиле во градот и државата.
Отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со пожарот во Кочани
Основното јавно обвинителство Кочани во текот на ноќта донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар во Кочани, информираат од Јавното обвинителство на РСМ. Деталите за истрагата, осомничените и предложените мерки за обезбедување, како што е најавено, ќе бидат соопштени денеска напладне на прес-конференција пред зградата на ОЈО Кочани
Македонско-турската стопанска комора донира 3,3 милиони денари за семејствата на настраданите во Кочани
Стопанската Комора на Македонија – Турција МАТТО и нејзините членки донираат 3 300 000 денари за поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани