Руските сопственици се согласија да го продадат својот дел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), кој изнесува 56,15 отсто, изјави во средата министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, објави Радио телевизија на Србија (РТС).
Ѓедовиќ Хандановиќ нагласи дека името на третата страна не се открива, бидејќи станува збор за „деловни преговори на сериозни компании“ и дека „сè додека не завршат или барем не се дефинираат клучните детали, не е сериозно да се зборува за тоа“.
„Ништо не е скриено од јавноста. Како што можете да видите, досега комунициравме многу транспарентно за сè. Нашето барање е јасно: рафинеријата мора да продолжи да работи и што е можно поскоро да се обезбеди нова испорака на сурова нафта“, рече министерката.
Потсети дека 43 дена во Србија не пристигнале пратки нафта од хрватскиот нафтовод Janaf, а граѓаните не го почувствувале тоа.
„Токму затоа што работевме напорно за да бидеме подготвени за сите сценарија ако и кога ќе се појават предизвици со НИС“, додаде Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа, исто така, изјави дека НИС, преку своите адвокати во САД, поднел барање до американската влада за продолжување на нејзината лиценца за работа за да може да продолжи да снабдува сурова нафта и да обезбеди континуирано работење на рафинеријата во Панчево.
„Сега чекаме одлука на американската влада – дали она што го предложија, а во кое секако сме вклучени и ние, ќе биде прифатено“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ,
Нафтената индустрија на Србија, која е под санкции на САД од 9-ти октомври поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво, вчера поднесе ново барање до Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (OFAC) за издавање посебна лиценца што би овозможила непречено работење на компанијата.
Слични новости
Швајцарските компании ги неутрализираат американските царини со селење на производството
Швајцарските компании планираат да преместат дел од своите операции и производство во странство за да го ублажат влијанието на американските царини, според анкета на деловната асоцијација economysuisse
Производството на чај во Индија опадна во октомври
Производството на чај во Индија опадна во октомври поради неповолните временски услови во државата Асам
Цените на нафтата на 64 долари
Цените на нафтата се искачија на 64 долари во петокот на меѓународните пазари, а инвеститорите шпекулираат дека намалената понуда од Венецуела во случај на воена интервенција на САД ќе ги принуди кинеските и американските рафинерии да бараат замена


