Италијанскиот фудбалски експерт, 66-годишниоѕ Лучано Спалети се збогуваше со „Аѕурите“ по победата од 2:0 над Молдавија во квалификациите за Светското првенство во 2026 година, признавајќи дека ја остава репрезентацијата во состојба во којашто и ја нашол.
„На својот наследник не му оставам моќен тим, нема чувство на ентузијазам. Се мачевме вечерва (против Молдавија). Кога ја презедов функцијата селектор, се обидов малку да ги поместам работите, но можеби направив повеќе штета отколку полза. Ми беше дадена можност и тренерот мора да направи разлика со својата работа, а јас не успеав во тоа. Се обидов, експериментирав, направив грешки, но не успеав да го извлечам најдоброто од моите играчи. На крајот, ја напуштам репрезентацијата во состојба во која ме пречека“, рече Спалети на прес-конференција по синоќешната победа против Молдавија, според италијанските медиуми.

Спалети ја презеде италијанската репрезентација во септември 2023 година, откако го освои „скудетото“ со Наполи. Во 24 натпревари, тој забележа 12 победи, шест нерешени резултати и еден пораз. Сепак, поразот од Норвешка (0:3) минатиот викенд на почетокот од квалификациите за Светското првенство 2026 го чинеше работното место.
Спалети истакна дека немал среќа со распоредот на квалификациските натпревари.
„Нашиот прв противник беше Норвешка, најсилниот противник во нашата квалификациска група. И тоа беше на крајот од сезоната, кога играчите се уморни од тешките натпревари во текот на годината. Но, кога сте тренер, не можете да барате алиби затоа што вие ги избирате играчите. Ако видите дека некои фудбалери се премногу уморни, тогаш ги повикувате другите на нивно место. Ова ќе биде поинаков тим во септември, во подобра форма“, рече Спалети и им се заблагодари на менаџерот на тимот Џиџи Буфон, на навивачите и на новинарите, кои, како што рече, беа многу љубезни кон него.
„Целиот живот се мачев со неволји и мразам да ме сожалуваат. Се надевам дека мојот наследник ќе ја подобри ситуацијата во репрезентацијата. Му посакувам се најдобро“, додаде Спалети.
Италијанската фудбалска федерација сега мора да го пронајде вистинскиот човек да ја преземе репрезентацијата. „Аѕурите“ не успеаја да се квалификуваат на последните две Светски првенства (2018 и 2022), па затоа четирикратните светски шампиони не можат да си дозволат уште еден неуспех. Италијанските медиуми зборуваат за 73-годишниот Клаудио Раниери и Стефано Пиоли (59), кој беше италијански шампион со Милан во сезоната 2021/22. Раниери постојано нагласуваше дека водењето на Рома била неговата последна тренерска работа во кариерата, а Пиоли има договор со саудискиот Ал-Наср до јуни 2027 година.
Слични новости
Гардијан: Мачестер Сити сака да го продаде Грилиш за 50 милиони фунти
Сити сака да добие околу 50 милиони фунти од продажбата на 29-годишниот Британец, но засега нема понуди за играчот од средниот ред. Се разгледува и позајмица. Интерес за играчот претходно објавија Наполи, Евертон и Баер.
Оклахома направи брејк на гости кај Индијана и изедначи на 2:2
Индијана водеше во текот на целиот натпревар, но во завршницата Оклахома одигра многу цврста одбрана и направи серија од 8:0, додека нејзините две ѕвезди Шеи Гилџес Александар и Џејлен Вилијамс реализираа шутеви во клучните мометни од натпреварот
Македонскиот напаѓач Миовски заминува од Жирона, најверојатно за Шкотска
Според последните информации, за Миовски е заинтересиран и Селтик кој понудил шест милиони фунти за ангажирање на македонскиот фудбалер.