Италијанскиот фудбалски експерт, 66-годишниоѕ Лучано Спалети се збогуваше со „Аѕурите“ по победата од 2:0 над Молдавија во квалификациите за Светското првенство во 2026 година, признавајќи дека ја остава репрезентацијата во состојба во којашто и ја нашол.
„На својот наследник не му оставам моќен тим, нема чувство на ентузијазам. Се мачевме вечерва (против Молдавија). Кога ја презедов функцијата селектор, се обидов малку да ги поместам работите, но можеби направив повеќе штета отколку полза. Ми беше дадена можност и тренерот мора да направи разлика со својата работа, а јас не успеав во тоа. Се обидов, експериментирав, направив грешки, но не успеав да го извлечам најдоброто од моите играчи. На крајот, ја напуштам репрезентацијата во состојба во која ме пречека“, рече Спалети на прес-конференција по синоќешната победа против Молдавија, според италијанските медиуми.

Спалети ја презеде италијанската репрезентација во септември 2023 година, откако го освои „скудетото“ со Наполи. Во 24 натпревари, тој забележа 12 победи, шест нерешени резултати и еден пораз. Сепак, поразот од Норвешка (0:3) минатиот викенд на почетокот од квалификациите за Светското првенство 2026 го чинеше работното место.
Спалети истакна дека немал среќа со распоредот на квалификациските натпревари.
„Нашиот прв противник беше Норвешка, најсилниот противник во нашата квалификациска група. И тоа беше на крајот од сезоната, кога играчите се уморни од тешките натпревари во текот на годината. Но, кога сте тренер, не можете да барате алиби затоа што вие ги избирате играчите. Ако видите дека некои фудбалери се премногу уморни, тогаш ги повикувате другите на нивно место. Ова ќе биде поинаков тим во септември, во подобра форма“, рече Спалети и им се заблагодари на менаџерот на тимот Џиџи Буфон, на навивачите и на новинарите, кои, како што рече, беа многу љубезни кон него.
„Целиот живот се мачев со неволји и мразам да ме сожалуваат. Се надевам дека мојот наследник ќе ја подобри ситуацијата во репрезентацијата. Му посакувам се најдобро“, додаде Спалети.
Италијанската фудбалска федерација сега мора да го пронајде вистинскиот човек да ја преземе репрезентацијата. „Аѕурите“ не успеаја да се квалификуваат на последните две Светски првенства (2018 и 2022), па затоа четирикратните светски шампиони не можат да си дозволат уште еден неуспех. Италијанските медиуми зборуваат за 73-годишниот Клаудио Раниери и Стефано Пиоли (59), кој беше италијански шампион со Милан во сезоната 2021/22. Раниери постојано нагласуваше дека водењето на Рома била неговата последна тренерска работа во кариерата, а Пиоли има договор со саудискиот Ал-Наср до јуни 2027 година.
Слични новости
Интер Мајами и Ал Ахли одиграа без голови во премиерниот натпревар на Светското клупско првенство
Најголемата шанса за гол ја имаа Египќаните, но фудбалерот на египетскиот тим, Трезеге, промаши пенал во 43-тата минута.
Буфон потврди дека Џенаро Гатузо е нов селектор на фудбалската репрезентација на Италија
Гатузо е новиот селектор на италијанската репрезентација. Донесовме најдобра одлука, изјави директорот на италијанската фудбалска репрезентација Џанлуиџи Буфон за италијанските новинари.
Почнува светското првенство за клубови во фудбал
Наградниот фонд изнесува една милијарда евра, а ФИФА смета дека ова е почетокот на нешто револуционерно, како што беше почетокот на Светските првенства за репрезентации во 1930 во Уругвај.