Советот за безбедност на Обединетите нации усвои резолуција со која се одобрува планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа, што вклучува испраќање меѓународни сили за воспоставување стабилност во палестинската енклава.
Израел и Хамас минатиот месец се согласија со првата фаза од планот на Трамп за Газа, што вклучуваше прекин на огнот и ослободување на заложниците, но резолуцијата на ОН се смета за витална за легитимирање на преодната администрација.
Текстот на резолуцијата вели дека земјите-членки можат да испратат свои сили во таканаречениот „Одбор за мир“, кој треба да биде преодна администрација што ќе ја надгледува реконструкцијата и економското закрепнување на Газа. Исто така, според усвоената резолуција, меѓународните сили за стабилизација ќе пристигнат во Газа за да го обезбедат процесот на демилитаризација на енклавата, што вклучува уништување на воената инфраструктура.
Русија, која претходно се закани со вето поради отфрлањето на текстот на нејзината резолуција која се разликуваше во конкретното споменување на палестинска држава, се воздржа од гласањето. Покрај Русија, Кина исто така се воздржа, додека другите 13 земји-членки беа „за“.
Палестинската самоуправа го поддржа текстот на резолуцијата, во кој се наведува дека „конечно ќе се создадат услови за кредибилен пат кон палестинско самоопределување и државност“ откако ќе ја унапредат програмата за реформи и реконструкција на Газа.
Како додаток на резолуцијата, беше усвоен и комплетниот мировен план на Трамп од 20 точки.
„САД ќе воспостават дијалог меѓу Израел и Палестина за да се договорат за мирен и просперитетен соживот“, се вели во американскиот план.
Под притисок од десницата во неговата влада, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е против палестинска држава и дека Газа ќе биде демилитаризирана „со арно или со лошо“.
Хамас сè уште одбива да се разоружа и се спротивставува на таквата резолуција бидејќи ја смета за опасен чекор кон воведување странска администрација на територијата на Газа и дека резолуцијата на тој начин ги фаворизира израелските интереси.
Слични новости
Најмалку 23 мртви во пожар во ноќен клуб во Гоа
Најмалку 23 лица, меѓу кои и неколку странски туристи, загинаа во пожар во популарниот ноќен клуб Арпори во индиската држава Гоа
Грчката крајбрежна стража пронајде брод со 18 мртви мигранти
Грчката крајбрежна стража пронајде брод со 18 мртви мигранти близу брегот на Крит, објави грчката јавна телевизија ERTnews во саботата
Зеленски задоволен од разговорот со Виткоф
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека имал долг и „содржаен“ телефонски разговор со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, како и со зетот на Трамп, Џаред Кушнер


