Собранието со 68 гласови „за“ и 17 „против“, по скратена постапка го донесе Законот за задолжување на Македонија со заем кај Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели.
„Владата имајќи го позитивното искуство од соработката со Унгарија во однос на поволните финансиски услови при обезбедување на првиот заем за буџетско финансирање и финансирање општи цели, пристапи кон обезбедување на вториот заем во износ од 500 милиони евра. Унгарската Експорт-импорт банка изрази подготвеност за доделување на вториот заем и во преговори со истата усогласен е текстот на договорот за заем кој е даден во прилог на овој педлог-закон“, изјави заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
Истакна дека условите за заемот се исти како и за првиот заем, истиот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, со каматна стапка која ефиксна и изнесува 3,25 проценти. На Експорт импорт банка ќе и се плаќа провизија за евентуално неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.
Овие средства ќе бидат искористени за еврообврзницата која доспева на почетокот на следната година.
По скратена постапка со 68 гласа „за“ и еден против беше донесен и Предлог-законот за гаранција на Македонија на обврските по Договорот за заем за Програмата за обновлива енергија ЕСМ – Компонента II: ФЕ Битола 2 и Компонента III: Ветерен парк Богданци – фаза 2, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КФВ и АД за производство на електрична енергија ЕСМ, во државна сопственост, Скопје, по скратена постапка.
Елми Азири од пратеничката група на Европскиот фронт побара да се тргне од дневен ред Предлог-законот за средно образование, поради, како што кажа, сензитивноста на законот којшто ги погодува сите етнички заедници. Побара за овој Предлог-закон да се одржи јавна расправа во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, но неговиот предлог не беше прифатен.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изрази очекување дека пратениците од ДУИ ќе го поддржат Предлог-законот за средно образование, за кој на комисиска расправа во Собранието искажаа забелешки во однос на интонирањето на државната химна во училиштата и најавија амандмани. Според Јаневска, „крајно неразумно е да се запре законот за средно образование кој не е менуван повеќе од 20 години“.
На барање на пратеници од пратеничката група од Европскиот фронт, седницата ќе продолжи по пауза од еден час.
Слични новости
Рускоска: Груби направи голема грешка што ја напушти државата
Поранешната обвинителка Вилма Рускоска смета дека поранешниот вицепремиер Артан Груби направил голема грешка што ја напушти државата
Одреден 30-дневен притвор за Груби и Бајрами
Кривичниот суд им одреди триесетдневен притвор на двете лица кои се недостапни за органите на прогон поврзани со истрагата за Државна лотарија.
Прекинот на вода во Скопје ќе биде од 22 часот во петок до санирање на дефектот
За санирање на дефектот ќе биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600, заради реализација на претходно најавениот сложен оперативен план за санација на главниот цевковод.