Кучкарот беше појава. Лепотан. Многу девојки беа смртно заљубени у Кучкар. Знаеше да се носи, имаше ненаметлив шарм, прав скопски магуп. Секогаш убави чевли.  Чаирчанец.

Многу свирки беа правени на клупите во Чаир карши некогашниот Хипермаркет. На Кучкар повеќе му беше мерак да свири со другарите у Чаир, отколку на сцената, за која беше роден.

А беше гение за бас гитара. Кариерата ја почна со Александар Прокопиев во „Уста на уста“. Но првиот винил што го издаде во Југославија за ПГП РТБ беше со бендот Бастион.

Легендарен македонски њу вејв бенд со многу оригинален пристап: Кики Џајковски синтисајзер и ритам машина, Љубе Кучкар бас и Ана Костовска вокал. Понекогаш ги преслушувам песните на Бастион и сеуште звучат модерно и интересно. Многу беа пред времето.

Стално го напињав зошто не свири професионално со таков талент. Еднаш ми рече : „Саки се уморив да се бркам. Ја бркав ритам машината на Кики у Бастион, а после го бркав Гаро на бубњеви у Парамециум. А Гаро е бетер од ритам машина“.

Скромен беше, ненаметлив. Роден за музичар, а не сакаше и не умееше да го ефектуира врвниот талент. Кога ја правев емисијата „Урбани легенди“ една од првите беше Љубисав Стоисављевиќ Кучкар. Сите што ги интервјуиравме имаа само најдобри зборови за него. Посебно Шенол Деваја, кој одамна веќе не е со нас. Којзнае дали постои видео записот од таа емисија.

А видео запис постои од спотот „Хот дејс ин Мексико“. Во спотот Кучкар го игра Троцки. Барем таква беше замислата колку што се сеќавам, а и носеше такви очила и брадичка како Троцки во спотот. Спотот го режираше Милчо Манчевски многу пред да стане филмски режисер. Никаде го нема тој спот. Легендата вели дека спотот го чува на некоја лента мојот комшија Емил Костовски ( брат на Ана Костовска вокалот на Бастион) и дека не го дава никому да се пресними.

Кучкар му беше најдобар другар на братучед ми Таки, исто голема скопска легенда, кој ако постои рај, ќе се изнаприкажува сега со Кучкарот. Беше шмекер и финтаџија. Играа шах со чичко Томе на клупите во Чаир и одеднаш тишината ја пресекува прашање на Кучкар : “Чичко Томе ти мрднат си?“ Овој махинално одговара, не, остај да размислам уште малку. Потоа му текнува и му вика море мангуп, ако ти ја врзам една…

Штета за Кучкар и како човек и како бас виртуоз. Што би рекле постарите, нема веќе такви луѓе.

 

 

Слични новости

Грција: Бројката на новородени бебиња опадна за скоро 50 насто

Грција: Бројката на новородени бебиња опадна за скоро 50 насто

Грција бележи остар пад на наталитетот, па така бројот на новородени бебиња падна од 117.600 во периодот 2008-2009 на 65.000 последниве две години. Истовремено, просечната старост на родилките постојано расте и додека во 2008 изнесувала 30 години, сега изнесува 32,3 години, пишува Катимерини.

Играниот филм „Моана“ на Дизни прв на американскиот Бокс офис

Играниот филм „Моана“ на Дизни прв на американскиот Бокс офис

Играната адаптација на анимираниот филм на Дизни „Моана“ заработи 43 милиони долари на Бокс офисот викендов во САД и е убедливо на првото место. „Моана“ заработи и 52 милиони долари на пазарите надвор од САД. Сепак, тоа е премалку за филм чиј продукциски буџет изнесува 250 милиони долари.