Кучкарот беше појава. Лепотан. Многу девојки беа смртно заљубени у Кучкар. Знаеше да се носи, имаше ненаметлив шарм, прав скопски магуп. Секогаш убави чевли. Чаирчанец.
Многу свирки беа правени на клупите во Чаир карши некогашниот Хипермаркет. На Кучкар повеќе му беше мерак да свири со другарите у Чаир, отколку на сцената, за која беше роден.
А беше гение за бас гитара. Кариерата ја почна со Александар Прокопиев во „Уста на уста“. Но првиот винил што го издаде во Југославија за ПГП РТБ беше со бендот Бастион.
Легендарен македонски њу вејв бенд со многу оригинален пристап: Кики Џајковски синтисајзер и ритам машина, Љубе Кучкар бас и Ана Костовска вокал. Понекогаш ги преслушувам песните на Бастион и сеуште звучат модерно и интересно. Многу беа пред времето.
Стално го напињав зошто не свири професионално со таков талент. Еднаш ми рече : „Саки се уморив да се бркам. Ја бркав ритам машината на Кики у Бастион, а после го бркав Гаро на бубњеви у Парамециум. А Гаро е бетер од ритам машина“.
Скромен беше, ненаметлив. Роден за музичар, а не сакаше и не умееше да го ефектуира врвниот талент. Кога ја правев емисијата „Урбани легенди“ една од првите беше Љубисав Стоисављевиќ Кучкар. Сите што ги интервјуиравме имаа само најдобри зборови за него. Посебно Шенол Деваја, кој одамна веќе не е со нас. Којзнае дали постои видео записот од таа емисија.
А видео запис постои од спотот „Хот дејс ин Мексико“. Во спотот Кучкар го игра Троцки. Барем таква беше замислата колку што се сеќавам, а и носеше такви очила и брадичка како Троцки во спотот. Спотот го режираше Милчо Манчевски многу пред да стане филмски режисер. Никаде го нема тој спот. Легендата вели дека спотот го чува на некоја лента мојот комшија Емил Костовски ( брат на Ана Костовска вокалот на Бастион) и дека не го дава никому да се пресними.
Кучкар му беше најдобар другар на братучед ми Таки, исто голема скопска легенда, кој ако постои рај, ќе се изнаприкажува сега со Кучкарот. Беше шмекер и финтаџија. Играа шах со чичко Томе на клупите во Чаир и одеднаш тишината ја пресекува прашање на Кучкар : “Чичко Томе ти мрднат си?“ Овој махинално одговара, не, остај да размислам уште малку. Потоа му текнува и му вика море мангуп, ако ти ја врзам една…
Штета за Кучкар и како човек и како бас виртуоз. Што би рекле постарите, нема веќе такви луѓе.
Слични новости
Пол Томас Андерсон фаворит за освојување на трите важни Оскари
Познатиот режисер е фаворит за освојување на наградите за најдобар филм, најдобар режисер и најдобро сценарио, а доколку успее, ќе стане само 12-тиот режисер кому тоа му успеало
Серијата „Младиот Шерлок“ на Гај Ричи со лоши критики
Холивуд Рипортер оценува дека ликот на Шерлок кој го прикажува Гај Ричи, заснован врз книгите на Ендрју Лејн, речиси и да нема допирни точки со ликот на славниот детектив од романите на Артур Конан Дојл
Голема конкуренција кај рок легендите за годинешниот прием во „Куќата на славните“
Меѓу номинираните се британскиот бенд „Оејзис“ „Џој Дивижн“ и Њу Ордер“ кои се всушност ист бенд и се всушност еден кандидат, Мараја Кери, „Ајрон Мејден“, Били Ајдол, Фил Колинс и Шаде.


