Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов е оптимист дека може да се најде прифатливо решение за зголемување на минималната плата во државата на 450 евра, а претседателката на Организација на работодавачи Владанка Трајкоска вели дека не може да биде прифатливо паушално зголемување на минималната плата и оти постојат параметри врз основа на кои се определува.
„На денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) кажавме дека платите во Македонија мора да растат. За наша среќа, никој на седница не рече дека не треба тоа да се случи. Сметам дека аргументите кои ги изнесовме – нискиот животен стандард, се потешкиот живот тука, зголемувањето на платите во регионот кој не опкружува каде што најчесто заминуваат македонските работници ни даваат позиција во која можеме да сметаме дека можеме да постигнеме некакво решение во наредните денови“, изјави Трендафилов по втората седница на ЕСС во Владата.
Нагласи дека охрабрува фактот што повторно ќе има седница на ЕСС.
„Добивме ветување дека повторно ќе се видиме и ќе разговараме исто така за платите. Во Буџетот охрабрува тоа што има предвидено повеќе пари во делот за платите. Очекуваме Владата да ги распредели онака како што е предвидено со општиот колективен договор и сите вработени во државата, наредната година во месец март да добијат зголемување на нивните плати по процент и коефициент на сложеност по просечна плата“, рече Трендафилов.
На седницата на ЕСС, како што кажа, не изостана ни прашањето кое е многу битно за огромен број на работници, близу 30.000, кои примаат минимална плата.
Потсети дека работодавачите и во 2022 година имаа отпори на зголемувањето на минималната плата.
„Не можеме ние да издржиме повеќе да живееме со такви мизерни плати кои ги даваат работодавачите во приватниот сектор. Тие може да кажуваат, да даваат изјави дали треба да се зголемат платите, дали не треба да се зголемат платите меѓутоа да внимаваат следниот пат кога ќе кажуваат дека нема работна сила во Македонија. Најголемите виновници за иселување на квалификуваните работници од Македонија се токму тие“, потенцира Трендафилов.
Владанка Трајкоска претседател на Организација на работодавачи изјави дека единствена точка на дневен ред на денешниот состанок било разгледување на Буџетот за 2025 година, а имало и точка разно.
„На втората седница на ЕСС се разгледуваше Буџетот за 2025 година и имавме неколку дискусии по различни теми. Во делот на минималната плата имавме неколку различни дискусии. Најголемата дискусија беше во делот на зголемување на платите на јавната администрација“, изјави Трајкоска.
На новинарско прашање дали за работодавачите е прифатлива минимална плата од 450 евра, рече дека не може да биде прифатливо паушално зголемување на минималната плата.
„ Постои закон, постојат параметри врз основа на кои се определува минималната плата“, потенцира Трајкоска.
Слични новости
Нафтата поевтини на 72 долари
Цените на нафтата паднаа во петокот поради загриженоста за побарувачката следната година, особено во Кина, најголемиот увозник на сурова нафта
Настрада македонската амбасада во Киев по рускиот ракетен напад, нема повредени дипломати
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува денешните ракетни напади на руската армија врз Киев.
Целосна блокада на Скопје ако не земат плата, најавуваат вработените во ЈП „Улици и патишта“
Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“ од протестот утрово пред канцелариите на администрацијата на Град Скопје, најавија целосна блокада на градот, доколку не земат плата