Откако француските либерали и целата обединета француска левица направија коалиција за вториот круг од парламентарните избори, „непринципиелна коалиција“ со една единствена цел, да не и се дозволи победа на француската екстремна десница на Марин Ле Пен, пролевичарските и меинстрим аналитичари здивнаа. Тие нагласуваат дека на изборите за европскиот парламент победија центристичките сили кои ќе ја формираат новата европска комисија со втор мандат за Урсула Фон Дер Лејен и дека стравот од подемот на десниот популизам или екстремната десница бил преценет и неутрализиран, барем за извесен период. Во Париз, Берлин и Брисел екстремната десница во догледно време нема да ја има власта. Влијанието на крајната десница во европскиот парламент ќе биде многу лимитирано, особено, ако центристичките сили направат сојуз со Зелените.
Но, тоа секако не е целата приказна. Насекаде во Европа, освен во Британија каде што Лабуристите на Кир Стармер убедливо триумфираа на парламентарните избори, левицата, социјалистичките и социјалдемократските идеи се повеќе ја губат почвата под нозете. Социјалдемократите на Шолц на следните избори во Германија не само што ќе бидат убедливо поразени од конзервативната ЦДУ, туку има голема шанса да бидат трета партија зад екстремно-десничарската АФД.
Конзервативците во Европа се речиси насекаде на власт, во различни варијанти. Во Италија на власт се Браќата на Италија на Џорџиа Мелони, која е варијанта на популистилка десница, со главен лозунг да се запре напливот на имиграцијата. Во Грција Неа Демократиа и Кирјакос Мицотакис буквално ја декласираа Сириза, која од доминантна се движи кон тоа да стане трета политичка сила во Грција, загрозена од ПАСОК. Времето кога Де Линке, Подемос, Сириза, и други варијатни на современата левица имаа замав и растечка популарност, одамна измина.
Можеби најзначајно од се во идеолошка смисла, е паѓањето, или барем поместувањето на таканаречениот „санитарен кордон“ околу есктремната десница. До пред извесно време, со нив никој не сакаше да комуницира, а камо ли да коалицира. Нивните идеи беа сметани за екстремни, неприфатливи и загрозувачки за либералните демократии, а меинстрим медиумите ги стигматизираа. Веќе не е така.
Во Холандија Герт Вилдерс преговара со безмалку сите политички сили за состав на нова влада. Речиси е извесно дека крајната десница ќе победи во Австрија. Наративот дека Виктор Орбан е изолиран и го третираат како црна овца во Брисел, веќе не е реален. Нему наскоро ќе му се придружат, холандскиот и австрискиот премиер, а набргу и некои други премиери на една нова политичка сила, која веќе не е ниту стигматизирана ниту маргинализирана. Колку луѓе ќе треба да излезат од состаноци на Европскиот Совет на кафе, за да се донесат следните важни одлуки ?
Орбан создаде и формална коалиција во европскиот парламент во која се и партијата на Ле Пен, Вилдерс, шпанскиот Вокс….Во моментов тоа е третата политичка сила во европскиот парламент. Концептот е Европска Унија на суверени држави. Односот кон војната во Украина е сосема поразличен од оној на официјален Брисел, како и по многу други прашања, особено зелената агенда. Што се однесува до имиграцијата, нешто што беше уникатен атрибут на крајната десница, нивните политики се безмалку веќе прифатени и инкорпорирани од центристичките сили. Тоа стана меинстрим наратив на сите.
Се создаваат нови сојузи и нови сфери на политички влијанија. Брисел никогаш немал којзнае колку усогласена заедничка надворешна политика, но сега ќе станува уште потешко. Новите социјални медиуми кои беа главната платформа на екстремната десница каде што доминира, ги направија присутни во јавноста, па со тек на време стануваат прифатливи и за меинстрим медиумите. Полека станува депласиран и терминот екстремна десница, а се поприфатлив како поим станува новата десница. Во светот во кој живееме таа е во подем, на сметка на левичарските идеи, кои веќе сосема го губат здивот.
Од онаа страна на Атлантикот шансите на Трамп повторно да се врати во Белата куќа се големи. Кампањата во Америка е неверојатно динамична, возбудлива и непредвидлива. Најпрвин Трамп издоминира во првата дебата со Џо Бајден, што ги натера демократите да извршат притисок врз 84 годишниот човек, кој очигледно немаше енергија и концентарција ниту да му се спротивстави на Трамп на ноемвриските избори, ниту да ја води Америка и во следните 4 години, да се повлече од изборната трка. Потоа Трамп преживеа атентат. Па Бајден официјално се откажа од трката, а неговото место го зазеде Камала Харис.
Веројатно најголемиот парадокс на таа кампања е дека актуелната потпретседателка, вториот човек на администрацијата која ги троши последните месеци од мандатот, во кампањата е претставена како лице што носи промена. Апсурдно е потпретседателот да биде лицето на промените, но досегашната кампања го носи тој наратив. Затоа што сепак е новина, во однос на досегашниот наратив и грубата парафраза на ситуацијата што ја искажуваа Американците дека всушнот немаат избор, затоа што изборот им е сведен да избираат меѓу „егоманијак“ и „сенилен старец“. Е сега веќе не е така.
Можеби републиканците ќе успеат да го променат овој наратив и да и докажат на американската јавност дека продолжувањето на политиките во надворешната политика, економијата и имиграцијата на оваа администрација е неприфатливо, а Камала Харис е една од прејаниците на таа иста администрација. Советниците на Трамп вешто го пласираа геслото „таа е полоша дури и од Џо“.
Но, што и да се случи во ноември Америка, фактот е дека десницата стана доминантна сила во светот. Над 70% од светската полулација живее во авторитарни режими. Времето на големите идеологии и илузиите дефинитвно помина.
Слични новости
Бајден наполни 82 години и стана најстариот американски претседател на должност
Американскиот претседател Џо Бајден во средата наполни 82 години, возраст до која ниту еден друг челник на Соединетите држави досега не ја достигнал
Какви се изгледите за мировен договор меѓу Русија и Украина
Анкетите покажуваат дека идејата за мировни преговори со Русија почнува да наидува на одобрување меѓу луѓето, дури и ако тоа значи загуба на територии во тој процес. Според анкетите, се повеќе Украинци се залагаат за мировни преговори, а намалена е и бројката на оние што се уверени дека на крај Украина ќе победи во војната.
Путин е подготвен да преговара за мир во Украина со Трамп, според извори
Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да разговара за примирје во Украина со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, но ја отфрла можноста за територијални отстапки и нагласува дека Киев мора да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО, изјавија пет извори за Reuters