До крајот на ноември годинава, Управата за јавни приходи (УЈП) спровела околу 4.000 контроли за регистрирање на готовинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година. Притоа изречени се над 2.500 глоби, а за 113 даночни обврзници изречени се мерки за забрана за вршење дејност, односно запечатување објект.
„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет. Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот“, порачува УЈП.
Даночниците најавуваат дека во пресрет на новогодишните празници ќе се спроведуваат засилени и проширени контроли на евидентирањето на готовинскиот промет. Фокусот ќе биде насочен кон сите угостителски објекти – ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други субјекти кои работат со готовински плаќања.
Пред отпочнување со подетални контроли и изрекување санкции, УЈП спровела советодавни активности и канцелариски анализи со цел да се согледа однесувањето на даночните обврзници и нивото на усогласеност со законските прописи. До 20 ноември се реализирани 3.500 советодавни посети на продавници и угостителски објекти, при што даночните службеници ги информирале обврзниците за најчестите неправилности со цел навремена корекција и нивно усогласување.
Во текот на посетите биле утврдени состојби како: фискални апарати кои немаат налепници од овластен сервисер, кај некои се појавуваат оштетени пломби, а кај одреден број обврзници е утврдено дека адресата на која е регистриран фискалниот апарат не соодветствува со реалната локација на работењето. Утврдено е и неуплаќање на дневниот промет во банка, како и неводење книга на дневни финансиски извештаи.
„Овие активности продолжуваат и со нив ќе бидат опфатени сите субјекти кои работат со готовински промет“, порачува УЈП.
Паралелно со советодавните посети, УЈП спровела детални анализи врз основа на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ-пријавите.
Анализите укажуваат на ризични состојби кај дел од обврзниците кои континуирано евидентираат низок или идентичен дневен промет, кај други има отстапки меѓу капацитетот на објектот и пријавениот промет, неусогласеност меѓу прометот евидентиран во фискалните каси и прометот пријавен во ДДВ пријавите и слично.
„УЈП упатува јасен апел дека почитувањето на законот не е избор и дека евидентирањето на прометот не претставува приватен договор меѓу продавачот на добра/давателот на услуги и купувачот/корисникот на услуги, а прекршувањето носи последици за сите, особено за чесните компании кои работат според правилата. Истовремено, апелираме граѓаните да бараат фискална сметка, бидејќи секоја неиздадена сметка претставува пари кои завршуваат во приватни џебови наместо во државниот буџет кој ги финансира здравството, образованието и јавните услуги“, велат даночниците.
Слични новости
Доларот падна во однос на кошничка валути втора седмица по ред
На светските пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошничка валути падна минатата седмица, втора по ред, бидејќи инвеститорите веруваат дека американската централна банка ќе ги намали клучните каматни стапки следната седмица
Раст на светските берзи, се чека намалување на каматните стапки во САД
Цените на акциите на светските берзи пораснаа минатата седмица, втора по ред, благодарение на верувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки следната седмица
Швајцарските компании ги неутрализираат американските царини со селење на производството
Швајцарските компании планираат да преместат дел од своите операции и производство во странство за да го ублажат влијанието на американските царини, според анкета на деловната асоцијација economysuisse


