Две недели по обелоденувањето на, како што го нарекува СДСМ, „мега-скандалот со ИПАРДсредствата“, министерот за земјоделство Љупчо Трипуновски и понатаму не дава одговори на клучните прашања поврзани со суспензијата на европските фондови, соопштија од партијата.
Од СДСМ реагираат дека на нивното официјално барање за информации, министерот доставил само „општи законски рамки и цитати од регулативи“, без конкретни податоци за причините за суспензијата, времетраењето и чекорите кои МЗШВ планира да ги преземе.
„Нема ниту збор за причините, нема ништо за времетраењето на суспензијата на средствата од ИПАРД, нема ниту информација за планираните чекори за надминување на овој сериозен проблем. Едно големо ништо“, стои во соопштението, од каде го нарекуваат односот на министерот „директна навреда“ за земјоделците и за компаниите кои зависат од поддршката од европските фондови.
Од партијата предупредуваат дека суспензијата на над 130 милиони евра претставува сериозен удар врз илјадници земјоделци и бизниси кои веќе вложиле средства, земале кредити и очекуваат исплати.
„Овие луѓе имаат право да знаат до кога ќе трае суспензијата и кој ќе им ја покрие штетата од доцнењето“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека министер кој „не чувствува одговорност“ не треба да ја води оваа институција.
Во соопштението се посочува дека Трипуновски избегнува медиумски соочувања и не се појавил на пратенички прашања, што според СДСМ значи дека „нема како да се одбрани“.
Слични новости
Пратеничката група на СДСМ не е опфатена со партиската чистка
Партиската чистка на раководството и Извршниот одбор нема да ја зафати и пратеничката група на СДСМ. Филипче нема да бара враќање на пратеничките мандати, затоа што смета дека тие се искусни професионалци кои се добар репрезент на партијата во Собранието.
Адем Чучуљ избран за претседател на ДКСК
Собранието на денешната седница го избра Адем Чучуљ за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Тој доаѓа на местото на Татјана Димитровска, која поднесе оставка поради обвиненија во случајот „Адитив“
Деловниот собир Македонија-Србија собра околу 400 стопанственици во Скопје
Во Скопје денеска почна деловниот форум Македонија-Србија кој собра 400 стопанственици од повеќе од 200 компании со цел да се унапредат постоечките и да се воспостават нови деловни врски


