Цените на акциите на светските берзи драстично паднаа минатата седмица, бидејќи инвеститорите стравуваат од ескалација на трговската војна, откако Вашингтон објави царини за увоз на автомобили, а голем број земји се заканија со контрамерки.

На Волстрит, Dow Jones минатата седмица се лизна за речиси 1 отсто, на 41.583 поени, додека S&P 500 потона за 1,5 отсто, на 5.580 поени, а индексот Nasdaq падна за 2,6 отсто, на 17.322 поени.

Пазарите се под притисок од вторникот, кога американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини од 25 отсто на почетокот од април за увоз на сите автомобили што не се произведени во САД. Додека Трамп тврди дека тоа во голема мера ќе ја поттикне домашната автомобилска индустрија, инвеститорите не се целосно убедени, а цените на акциите во американскиот автомобилски сектор драстично паднаа. Остро паднаа и цените на акциите на европските, јапонските и јужнокорејските производители на автомобили.

Инвеститорите се нервозни и затоа што следната седмица Трамп ќе претстави план за воведување реципрочни царини за увоз од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи. Промената на трговската политика на Трамп создаде несигурност на берзите, бидејќи инвеститорите стравуваат од прекини во синџирите на снабдување, забавување на економскиот раст и зголемување на инфлацијата.

Покрај тоа, инвеститорите стравуваат од ескалација на царинската војна, бидејќи многу земји најавија противмерки поради американските царини.

„Инвеститорите се многу загрижени за политиките на Трамп. Дури и повеќе од политиките, тие се загрижени за постојаните промени. Тоа ги прави навистина нервозни за носење долгорочни инвестициски одлуки, без разлика дали зборуваме за компании или инвеститори”, вели Џед Елербрук, портфолио менаџер во „Argent Capital“.

Поради ова, цените на акциите на најголемата светска берза паѓаат со седмици. Индексот S&P 500 сега е за околу 9 отсто понизок од рекордното ниво од 19-ти февруари. Nasdaq, од друга страна, падна за речиси 14 отсто од рекордното високо ниво и со денови е на територијата на корекција. Поради ова, и S&P 500 и Nasdaq се на пат да го завршат првиот квартал од оваа година во минус.

Поради царинската војна, цените на акциите минатата седмица паднаа и на повеќето европски берзи. Иако лондонскиот FTSE индекс порасна за 0,1 отсто на 8.658 поени, франкфуртски DAX потона за 1,9 отсто на 22.461 поен, а париски CAC за 1,6 отсто на 7.916 поени.

globe

Слични новости

Европа најавува дека прорпорционално ќе одговори на царините на Трамп

Европа најавува дека прорпорционално ќе одговори на царините на Трамп

Трговските партнери како што се Европската Унија, Канада и Мексико најавија дека ќе одговорат на царините на САД со контрамерки. Брисел најави дека има прецизен пакет контраерки како одговор на царините на Трамп.

Пазарите очекуваат нова рунда царини од Трамп, европските берзански индекси во пад

Пазарите очекуваат нова рунда царини од Трамп, европските берзански индекси во пад

Европските берзански индекси денеска се во пад, како и цената на нафтата, златото и пченицата, бидејќи берзите ја очекуваат новата рунда царини од Трамп, вклучувајќи и тарифа од 25 насто на сите автомобили произведени надвор од САД.