Канада добила потврда дека од вторник ќе бидат воведени царини од 25 отсто за сите стоки што се извезуваат во Соединетите држави, освен за нафтата, која ќе има царина од 10 отсто, објави агенцијата AFP, цитирајќи извор од канадската влада.

Соединетите држави на 4 февруари ќе воведат царина од 25 отсто за целиот канадски извоз, истовремено објави телевизискиот канал CBC News, повикувајќи се на извор во канадската влада. Според него, тарифите ќе останат во сила сè додека американскиот претседател Доналд Трамп „не биде задоволен дека Канада прави сѐ што е потребно за да го запре протокот на фентанилот во САД“.

Канадскиот премиер Џастин Трудо треба да одржи прес-конференција во Отава подоцна во саботата по локално време, потврдил истиот извор.

 

„Канада ќе одговори веднаш и силно доколку САД ја исполнат заканата за воведување царини“, изјави во петокот премиерот Џастин Трудо, предупредувајќи ги Канаѓаните дека може да се соочат со тешки времиња. „Ние сме подготвени кога станува збор за одговор – целисходен, силен, но во исто време разумен и моментален одговор. Тоа не е она што го сакаме, но ако тој почне да дејствува, ќе го направиме и ние“, рече Трудо.

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот рече дека „ништо нема да го спречи да воведе царини од 25 отсто за сите производи од Канада и Мексико“, додавајќи дека стоките од Кина ќе имаат царини за 10 отсто повисоки од моменталните.

Ова е насочено кон трите главни трговски партнери на САД, кои заедно претставуваат повеќе од 40 отсто од увозот во земјата. Комбинираниот обем на извозот на Канада, Кина и Мексико во фискалната 2023 година во Соединетите држави изнесувал речиси 1,5 трилиони долари. Трамп, исто така, се закани дека до 1 февраури ќе воведе увозни тарифи од 25 отсто на испораките од Канада и Мексико, и покрај договорите за слободна трговија.

Доналд Трамп, кој викендов престојува во својата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, нема ништо закажано во неговиот официјален распоред. Американскиот претседател ги објаснува новите мерки обвинувајќи ги трите земји дека играат улога во кризата со фентанилот, моќен опиоид што ја пустоши Америка со илјадници смртни случаи годишно.

Според него, Кина ги извезува главните состојки во Мексико, од каде мексиканските картели потоа произведуваат фентанил кој се продава преку граница. Тој, исто така, ги критикува Мексико и Канада дека недоволно ги контролираат миграциските бранови кон САД.

globe

Слични новости

Мексико порача дека ќе одговори на царините на Трамп

Мексико порача дека ќе одговори на царините на Трамп

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум нареди воведување царини како одговор на одлуката на САД да воведат царина од 25 отсто за стоките што доаѓаат од Мексико, во услови на избувнување на трговска војна меѓу двете соседни земји

Рубио извршил притисок врз Панама поради кинеското влијание врз Панамскиот канал

Рубио извршил притисок врз Панама поради кинеското влијание врз Панамскиот канал

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја предупреди Панама да преземе итни чекори за да одговори на загриженоста на САД за кинеските компании кои управуваат со пристаништа во близина на каналот, за кои претседателот Доналд Трамп рече дека претставуваат закана за националната безбедност на САД