Американскиот државен секретар Марко Рубио детално го опиша големото скратување на проектите управувани од меѓународната агенција за развој УСАИД.
„По шестнеделен преглед, официјално откажуваме 83 отсто од програмите на УСАИД“, објави Рубио на платформата Х во понеделникот.
Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на Рубио да ги спои средствата обезбедени за УСАИД и меѓународниот развој со Стејт департментот како дел од неговата стратегија „Америка на прво место“.

Од околу 6.200 проекти, само околу илјада ќе продолжат да работат и ќе бидат под надзор на Стејт департментот. Рубио не објасни точно за какви проекти станува збор.
Тој му се заблагодари на Одделот за владина ефикасност (DOGE) предводен од технолошкиот милијардер Илон Маск за охрабрувањето на заштедите во владата.
Иако Рубио објасни дека откажувањето на проектите на УСАИД е извршено во договор со Конгресот, останува да се види каква улога всушност има Капитол. Правно е спорно дали владата може да распушти агенција без изречна согласност на Конгресот.
Исто така, не е јасно какво влијание ќе има најавата на Рубио врз тековниот правен спор околу замрзнатите плаќања за помош.
Хуманитарните организации предупредуваат на драстичните последици од кратењата на УСАИД. Тие тврдат дека губењето на американската поддршка може да создаде егзистенцијални проблеми за десетици илјади луѓе ширум светот.
Слични новости
Новинарите во Грција започнаа 24-часовен штрајк
Новинарите во Грција, организирани од Грчката федерација на новинарски асоцијации во која учествуваат сите новинарски здруженија, од пет часот утрово започнаа 24-часовен штрајк со што земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии
Гренланд излегува на гласање покрај желбите на Трамп за преземање на островот
Жителите на Гренланд денеска ќе газат преку снег и мраз за да гласаат на избори кои би можеле да се покажат како едни од најзначајните во историјата на арктичкиот остров, најголемиот во светот, пишува Politico
Зеленски: Украина „целосно конструктивна“ во разговорите со американските претставници
Претседателот Володимир Зеленски рече дека позицијата на Украина на разговорите во Саудиска Арабија со американските претставници во вторник ќе биде „целосно конструктивна“ и дека се надева на практични исходи од преговорите за ставање крај на руската војна во неговата земја