Советниците за вакцини во САД во петокот ја укинаа долгогодишната препорака сите деца во САД да ја примат вакцината против хепатитис Б при раѓање, што претставува голема победа за министерот за здравство и човечки услуги Роберт Ф. Кенеди Џуниор, но експертите за болести стравуваат дека тоа ќе ги поткопа децениите напредок во јавното здравство.

Комисијата гласаше да се задржи вакцинацијата при раѓање само на новороденчиња родени од помалку од 1 отсто од мајките кои имаат позитивен тест за вирусот, заменувајќи ја универзалната препорака од 1991 година која имаше цел да ги заштити сите деца од инфекција со хепатитис Б, што може да предизвика сериозно заболување на црниот дроб.

Во огромното мнозинство случаи, оние во кои мајките имаат негативен тест, комисијата заклучи дека лекарите и родителите треба да се консултираат за тоа дали и кога да се започне серијата вакцинации и препорача родителите да му ја дадат на своето дете првата доза пред да наполни два месеца.

Експертите за јавно здравје и медицинските групи, вклучувајќи ја и Американската медицинска асоцијација (AMA), ја критикуваа одлуката, велејќи дека таа создава пречки за вакцината и е спротивна на децениите докази за нејзината безбедност и ефикасност.

Вакцинацијата при раѓање, според нив, го намалила бројот деца заразени со хепатитис Б во САД „на само делче“ од 20.000 колку што ги имало во 1991 година.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), кој сега го води Џим О’Нил, кој не е научник и е назначен од министерот Кенеди забележува Reuters, ќе ги користат препораките на панелот за да развијат упатства за јавното здравје.

Нагласувањето на панелот на родителскиот избор, со децении клучната премиса на застапниците против вакцинацијата, вклучувајќи го и Кенеди, ја игнорира улогата што родителите веќе ја играат во одлучувањето кои вакцини да им ги дадат на своите деца, велат некои експерти за јавно здравје.

Американската академија за педијатрија соопшти дека сè уште поддржува давањето вакцина при раѓање. Производителите на вакцината против хепатитис Б – фармацевтските гиганти „Merck“, „Sanofi“ и GSK – тврдат дека таа е безбедна, а „Merck“ изрази „длабока загриженост“ од одлуката на комисијата.

Хепатитисот Б првенствено се шири преку крв, сперма или други телесни течности и преку близок контакт со луѓе кои не знаат дека се заразени, како што се старателите или пријателите.

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) препорачува сите новороденчиња да ја примат вакцината против хепатитис Б што е можно поскоро по раѓањето, по што треба да следат две или три дози од вакцината со растојание од најмалку четири седмици. Предупредува дека 95 отсто од заразените новороденчиња ќе развијат хроничен хепатитис.

globe

Слични новости

Трамп ја изостави Северна Кореја во својата безбедносна стратегија, можно обновување на дипломатијата

Трамп ја изостави Северна Кореја во својата безбедносна стратегија, можно обновување на дипломатијата

Новиот план на американскиот претседател Доналд Трамп за глобална безбедност повеќе не вклучува денуклеаризација на Северна Кореја, што ги поттикнува шпекулациите дека Вашингтон се стреми да ги зголеми шансите за дипломатски напредок со Пјонгјанг во 2026 година

Маск ја спореди ЕУ со нацистите, X го затвори рекламниот профил на ЕК

Маск ја спореди ЕУ со нацистите, X го затвори рекламниот профил на ЕК

Два дена откако Европската унија изрече голема казна на платформата X, социјалната мрежа ја затвори својата рекламна сметка на Европската комисија, а сопственикот Илон Маск ја спореди Унијата со нацистичка Германија