Најголем број од кинеските кредити одат во Соединетите држави, според студијата што ги следеше кредитните активности на Пекинг и откри дека Кина значително повеќе позајмува на земјите со повисоки приходи отколку на земјите во развој.
Меѓу 2000 и 2023 година, кинеските кредити и бесповратната помоп (грантови) за 200 земји достигнаа вкупно 2,2 трилиони долари, според извештајот објавен во вторникот од AidDate, истражувачка лабораторија при американскито Универзитет Вилијам и Мери.
Иако долго време се сметаше за кредитор на земјите во развој преку својата иницијатива „Појас и пат“, Кина го префрли својот фокус на кредитирање на напредните економии, поддржувајќи стратешка инфраструктура и високотехнолошки синџири на снабдување во области како што се полупроводници, вештачка интелигенција и чиста енергија.
Големината на портфолиото на кредити на Кина е два до четири пати поголема од претходно проценетата, соопшти AidData, додавајќи дека Кина го задржала својот статус на најголем официјален кредитор во светот.
Одговарајќи на барањето на Reuters за коментар за наодите од студијата, Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека нејзините инвестиции и финансирање во странство „се придржуваат кон меѓународните практики, пазарните принципи и принципите за одржливост на долгот“.
Студијата покажа дека повеќе од три четвртини од кредитирањето во странство на Кина сега поддржува проекти и активности во земјите со повисок среден приход и со високи приходи.
„Голем дел од кредитирањето во богатите земји е фокусирано на критична инфраструктура, критични минерали и стекнување на високотехнолошки средства како што се компаниите за полупроводници“, наведе Бред Паркс, главен автор на извештајот и извршен директор на AidDate.
Соединетите држави се на врвот на листата на кинески официјални кредити во секторот, добивајќи повеќе од 200 милијарди долари за речиси 2.500 проекти и активности, се вели во извештајот.
Кинеските државни субјекти се „активни во секој агол и сектор на САД“, финансирајќи ја изградбата на проекти за течен природен гас (LNG) во Тексас и Луизијана, центри за податоци во Северна Вирџинија, терминали на меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк и меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, цевководот „Матерхорн Експрес“ и цевководот „Дакота Аксес“, објави AidData.
Пекинг финансирал аквизиции на високотехнолошки компании, а кинеските државни заемодаватели обезбедиле кредитни линии за многу компании на листата на списанието Fortune на 500-те најголеми американски компании според приходите, вклучувајќи ги „Amazon“, „AT&T“, „Verizon“, „Tesla“, „General Motors“, „Ford“, „Boeing“ и „Disney“, се вели во извештајот.
Уделот на кинеското кредитирање на земјите со ниски и средни приходи се намалил од 88 отсто во 2000 година на само 12 отсто во 2023 година. Пекинг, исто така, го намали кредитирањето за инфраструктурни проекти на „Глобалниот југ“ како дел од иницијативата „Појас и пат“.
Истовремено, уделот на кинеската поддршка на земјите со средни и високи приходи се зголемил повеќе од трипати, на дури 76 отсто во 2023 година. За споредба, Европската Унија добила 161 милијарда долари кинески кредити, а Обединетото Кралство 60 милијарди долари, покажа студијата.
Слични новости
„Аmazon“ со уплата од 180 милиони евра ја затвори истрагата за можна дночна измама во Италија
Подружница на американскиот гигант за е-трговија „Amazon“ им плати околу 180 милиони евра на италијанските даночни власти и го укина својот систем за следење на испораките со цел да ја затвори истрагата за можна даночна измама и експлоатација на работници
Цените на храната паднаа и во ноември
Цените на храната паднаа и во ноември, трет месец по ред, со значително намалување на цената на млекото и млечните производи и растителните масла, објави во петокот агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации
РКЕ ги намали надоместоците за дистрибуција, пренос и за операторот на пазарот на електрична енергија
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 3,64 отсто го намали надоместокот за дистрибуција на електрична енергија, односно за користење на електродистрибутивниот систем на Електродистрибуција од 1 јануари 2026 година


