Соединетите држави им презентираа на земјите-партнери во Советот за безбедност на ОН нацрт-резолуција со која се бара поддршка на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за палестонската енклава Појасот Газа, кој исто така се однесува на распоредување на меѓународни стабилизациски сили, објави ноќта кон четвртокот по средноевропско време американската мисија во Обединетите нации.
Амбасадорот на САД во светската организација, Мајк Валц, во средата по локално време собра десет члена на Советот за безбедност на ОН и неколку регионални партнери – Египет, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција, изјави портпаролот на мисијата, истакнувајќи дека ова покажува „регионална поддршка“ за текстот.
Сè уште не е одреден датум за гласање по резолуцијата, но нацртот „го поздравува мировниот совет“ предводен од Трамп за надгледување на преодната влада во Газа и „ги овластува меѓународните стабилизациски сили наведени во мировниот план на претседателот Трамп од 20 точки“, додаде портпаролот.
Неколку земји веќе изразија подготвеност да учествуваат во овие стабилизациски сили (ISF), вклучувајќи ја и Индонезија, но тие инсистираат на мандат од Советот за безбедност на ОН за распоредување трупи на палестинската територија, според дипломатски извори.
„Благодарение на храброто водство на претседателот Трамп, САД повторно ќе постигнат резултати во ОН, а не бескрајни дискусии“, изјави портпаролот на американската мисија.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кон крајот на октомври во Израел изјави дека е оптимист во врска со претстојното распоредување на меѓународни сили во Газа и посочи дека САД би можеле да побараат мандат од ОН.
Стабилизациските сили беа предвидени во договорот што доведе до кревко примирје на 10-ти октомври меѓу Израел и палестинскиот Хамас, по две години разорна војна предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври 2023 година.
Според условите на договорот, силите би биле составени од коалиција главно од арапски и муслимански земји и би биле распоредени во Газа за да ја следат безбедноста додека израелската армија се повлекува.
Министрите за надворешни работи на Јордан и Германија минатата седмица изјавија дека меѓународните сили треба да имаат мандат од ОН. „За овие стабилизациски сили ефикасно да ја извршат својата мисија, сите се согласуваме дека тие мора да имаат мандат од Советот за безбедност“, изјави јорданскиот министер за надворешни работи, Аџман Сафади, на заедничката прес-конференција со германскиот колега Јохан Вадефул во Манама, главниот град на Бахреин.
Вадефул, исто така, ја поддржа идејата за мандат на ОН за овие меѓународни сили, кој мора да се базира на „јасна правна основа во меѓународното право“. „Ова е многу важно за земјите што сакаат да ги испратат своите војници во Газа и за Палестинците. Германија, исто така, сака јасен мандат за оваа мисија“, рече германскиот министер за надворешни работи.
Слични новости
Кинески авиони насочиле воен радар кон јапонски авиони
Јапонија во неделата соопшти дека кинеските борбени авиони насочиле радар за контрола на оган кон јапонски воени авиони во два „опасни“ инциденти во близина на островската група Окинава во Јапонија, тврдење што Пекинг го негираше
САД престанаа да ја означуваат Русија како „диркента закана“, Кремљ е задоволен
Кремљ го поздрави потегот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја ревидира својата стратегија за национална безбедност и да престане да ја нарекува Русија „директна закана“, изјави во неделата портпаролот Дмитриј Песков
Најмалку 23 мртви во пожар во ноќен клуб во Гоа
Најмалку 23 лица, меѓу кои и неколку странски туристи, загинаа во пожар во популарниот ноќен клуб Арпори во индиската држава Гоа


