Соединетите држави значително ги намалија предложените нови царини за увоз на тестенини од неколку италијански производители, по прелиминарна анализа на нивните антидампинг активности, објави италијанското Министерство за надворешни работи.
Новата анализа покажа дека италијанските производители решиле многу од проблемите идентификувани во првичната проценка, изјави функционер на Министерството за трговија на САД.
САД објавија во октомври дека ќе воведат дополнителна царина од 92 отсто за увоз на тестенини од 13 италијански производители, покрај стандардната царина од 15 отсто за повеќето стоки увезени од Европската унија, обвинувајќи две од компаниите – „La Molisana“ и „Garofalo“ – за продажба на тестенини по неправедно ниски цени.
По новата проценка, Министерството за трговија на САД ја намали предложената дополнителна царинска стапка на 2,26 отсто за тестенините од „La Molisana“ и на 13,98 отсто за тестенините од „Garofalo“, соопшти италијанското Министерство за надворешни работи. Останатите 11 производители на тестенини, кои не беа индивидуално оценети во новата проценка, подлежат на царина од 9,09 отсто.
„Повторната пресметка на царините е знак дека американската влада препознава дека нашите компании се подготвени конструктивно да соработуваат“, се вели во соопштението на италијанското министерство.
Вашингтон е посветен на спроведување „фер, транспарентен процес“, изјави претставник на Министерството за трговија на САД.
„(Нашата) анализа по прелиминарната проценка покажува дека италијанските производители на тестенини ги решија многу од загриженостите што ги покрена Министерството за трговија во својата прелиминарна одлука“, рече претставникот, додавајќи дека Министерството за трговија ќе продолжи да комуницира со засегнатите страни и да ги земе предвид сите информации пред да донесе конечна одлука.
Конечната одлука е закажана да биде објавена на 12-ти март, но рокот може да се продолжи до 60 дена. Новите царини ќе се применат дури откако ќе бидат анализирани сите резултати.
Со други зборови, досега САД не ги зголемиле тарифите за увоз на италијански тестенини.
Тринаесетте компании што се анализираат сочинуваат околу 16 отсто од вкупниот увоз на американски тестенини од Италија.
Вкупната вредност на извозот на италијански тестенини во 2024 година надмина четири милијарди евра, според податоците од италијанскиот завод за статистика ISTAT. Вредноста на американскиот пазар за италијанските компании е речиси 800 милиони долари.
Маргарита Мастромауро, претседателка на секцијата на производители на тестенини при италијанското здружение на производители на храна „Unione Italiana Food“, исто така, го поздрави намалувањето на предложените нови царини.
„Одлуката на американската влада потврдува дека САД обрнуваат внимание на Италија и на судбината на нашата економија“, рече Мастромауро.
Слични новости
Компанијата на Доналд Трамп ќе гради небодер во Австралија вреден 900 милиони евра
Американската компанија во сопственост на американскиот претседател Доналд Трамп потпиша договор за изгардба на својот прв небодер во Австралија вреден 1,5 милијарди австралијански долари или 900 милиони американски долари.
Кина ги повика САД да ги укинат едностраните царини
Кинеското министрство за трговија соопшти дека врши „целосна проценка“ на пресудата со која Врховниот суд на Соединетите Американси Држави минатата недела ги укина царините што САД ги воведоа за голем број на земји
Кина ги надмина САД како главен трговски партнер на Германија
Кина ги претекна САД како главен трговски партнер на Германија, покажуваат податоците на германскиот Сојузен завод за статистика, додека канцеларот Фридрих Мерц се подготвува за првата посета на Пекинг од стапувањето на должноста


