Соединетите држави запленија нафтен танкер крај брегот на Венецуела, изјави во средата американскиот претседател Доналд Трамп, зголемувајќи ги тензиите со Каракас, потег што веднаш ги зголеми цените на нафтата.
„Тукушто запленувавме танкер крај брегот на Венецуела, голем танкер, многу голем, најголемиот досега, всушност, и се случуваат и други работи“, рече Трамп. На прашањето што ќе се случи со нафтата, Трамп рече: „Ќе ја задржиме, претпоставувам“.
Запленувањето би можело да сигнализира интензивирање на напорите за борба против извозот на нафта од Венецуела, главниот извор на приход на земјата со докажано најголемите резерви на нафта и природен гас, како и огромни ресурси ретки земни минерали и метали.
Ова е првата позната акција против нафтен танкер откако Трамп нареди масовно зголемување на американската војска во регионот и започна рации врз бродови за кои тврди дека наводно превезуваат дрога. Овие операции предизвикаа загриженост кај демократските пратеници и правните експерти за законитоста на овие мерки.
Тројца американски функционери, кои зборувале под услов да останат анонимни, рекле за Reuters дека операцијата ја предводела крајбрежната стража на САД. Тие не го именуваа танкерот, знамето на земјата под која пловел или каде точно се случило запленувањето.
Британската група за управување со поморски ризици Vanguard соопшти дека се верува дека танкерот „Skipper“ бил запленет кај Венецуела рано во средата по американско време. САД воведоа санкции врз танкерот поради, како што тврди Вашингтон, неговата наводна вмешаност во трговијата со нафта на Иран кога се викал „Adisa“.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро зборуваше на комеморацијата на воената битка во средата, но не се осврна на извештаите за запленувањето на танкерот. Мадуро тврдеше дека целта на американското воено засилување е да го соборат од власт и да ја преземат контролата врз огромните резерви на нафта на земјата членка на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC).
Терминските цени (фјучерсите) на нафтата пораснаа по веста за запленувањето. Цената на суровата нафта од северноморската марка Brent порасна на лондонскиот пазар за 27 центи, или 0,4 отсто, на 62,21 долари за барел, додека фјучерсите за суровата нафта од Западен Тексас (West Texas Intermediate) во САД пораснаа за 21 цент, или 0,4 отсто, на 58,46 долари за барел.
Од почетокот на септември, администрацијата на Трамп изврши повеќе од 20 напади во Карибите и Пацификот врз бродови за кои се сомнева дека превезуваат дрога, при што загинаа повеќе од 80 лица.
Експертите велат дека рациите би можеле да бидат нелегални, бидејќи се објавени малку или никакви докази дека бродовите превезувале дрога или дека било потребно да се дигнат во воздух наместо да се запрат, да се заплени нивниот товар и да се испрашуваат оние на бродот.
Загриженоста за нападот се зголеми овој месец по извештаите дека командантот што ја надгледувал операцијата наредил втор напад во кој загинале двајца преживеани.
Анкетата на Reuters/Ipsos објавена во средата покажа дека големо мнозинство Американци се противат на кампањата на американската војска за смртоносни напади врз бродови, вклучувајќи околу една петтина од републиканците на претседателот Доналд Трамп.
Трамп постојано ја споменуваше можноста за воена интервенција на САД во Венецуела. Во сеопфатен стратешки документ објавен минатата недела, Трамп рече дека надворешната политика на неговата администрација ќе биде насочена кон повторно воспоставување на доминацијата на САД на западната хемисфера.
Слични новости
Зеленски вели дека Кина работи на интензивирање на соработката со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во среда, по извештајот на шефот на службата за надворешно разузнавање на Киев, дека Русија и Кина преземаат чекори за интензивирање на соработката
Трамп планира американски инвестиции во Русија и враќање на енергенсите во Европа
Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за мир во Украина вклучува предлози за враќање на руските енергетски текови во Европа, големи американски инвестиции во руски ретки минерали и енергија
Зеленски разговараше со парламентот како да се спроведат избори во воена состојба
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата изјави дека разговарал за правни и други прашања поврзани со можноста за одржување избори со украинскиот парламент и ги повика другите земји, вклучително и САД, да не вршат притисок по ова прашање


