Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за трговија на САД го продолжи рокот за завршување на трансакциите поврзани со преговорите и склучувањето договор за продажба на меѓународни средства на руската нафтена компанија „Лукоил“ до 13-ти декември, објави американската агенција.
Продолжувањето на рокот се однесува само на трансакции чие спроведување е „експлицитно условено“ со добивање посебно одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства на САД, се вели во соопштението на агенцијата. Американската агенција, исто така, го продолжи рокот за завршување на трансакциите со бугарските подружници на „Лукоил“ до 29-ти април 2026 година.
Обединетото Кралство воведе санкции врз „Лукоил“ кон средината на октомври, поставувајќи го 29-ти ноември како рок за завршување на сите трансакции со руската нафтена компанија. Една седмица подоцна, на Лондон му се придружи и Вашингтон, а санкциите на САД требаше да стапат во сила на 21-ви ноември.
Двете земји одобрија ослободувања од санкции за голем број меѓународни проекти на „Лукоил“. Конзорциумот за Каспискиот гасовод е ослободен од санкциите на САД, додека британските санкции врз „Лукоил“ не го опфаќаат полето Карачаганак во Казахстан или полето Шах Дениз во Каспиското Море, според извештајот на руската новинска агенција ТАСС.
„Лукоил“ кон крајот на минатиот месец објави дека одлучил да продаде средства во странство поради санкциите и дека прифатил понуда од швајцарскиот мултинационален трговец со енергенси „Gunvor“. Оваа групација ја повлече својата понуда на почетокот од ноември откако Вашингтон сигнализираше дека нема да му биде доделена лиценца за работење сè додека не заврши војната во Украина.
Во четвртокот Reuters објави, повикувајќи се на три изворa запознаени со ова прашање, дека американскиот инвестициски фонд „Carlyle“, кој управува со средства во вредност од 474 милијарди долари, размислува да ги купи „во пакет“ странските средства на „Лукоил“.
Други компании претходно сигнализираа интерес за купување поединечни делови од средствата на „Лукоил“. Наводно, „Shell“ е заинтересиран за нафтените платформи на „Лукоил“ во територијалните води на Гана и Нигерија, изјавија два одделни извора за Reuters. „Shell“ одби да ги коментира овие информации. Турскиот „Cengiz Holding“, пак, соопшти дека нема намера да се откаже од планираното купување на бугарската рафинерија „Нефтохим Бургас“.
„Лукоил“ е во преговори со неколку потенцијални купувачи за продажба на своите меѓународни средства, соопшти руската компанија во петокот, нагласувајќи дека има намера да обезбеди континуитет на работењето на странските проекти за време на нивната продажба и пренос на сопственост за да се избегнат прекини во снабдувањето со енергија и да се зачуваат работните места.
Странските средства на „Лукоил“ вклучуваат рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, интереси во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и Нигерија, како и широка мрежа од околу 2.500 малопродажни бензински пумпи во 19 земји.
Вкупно „Лукоил“ произведува околу 2 отсто од светската нафта, а 0,5 отсто од светската нафта се произведува во постројки надвор од нејзината матична земја.
Според извештаите на берзата од 2024 година, вредноста на странските средства на „Лукоил“ се проценува на околу 22 милијарди долари, објави Reuters.
Меѓународниот бизнис на „Лукоил“ се соочи со проблеми веднаш штом беа воведени санкции врз компанијата, забележува руската приватна новинска агенција Интерфакс. Минатата седмица, според извештаите во медиумите, компанијата прогласи „виша сила“ на нафтеното поле Западна Курна 2 во Ирак, едно од најголемите во светот. Руската компанија има 75 отсто удел во тоа поле.
Британската канцеларија за спроведување на финансиски санкции во петокот го продолжи рокот за трансакции со бугарските компании на „Лукоил“ до 14-ти февруари 2026 година. Руската компанија поседува рафинерија за нафта во Бургас и синџир од над 500 малопродажни бензински пумпи во земјата.
Слични новости
На Волстрит, индексот S&P порасна, Dow благо падна
На њујоршки Волстрит, индексот Dow Jones малку падна во претпазливото тргување во четвртокот, додека S&P 500 и Nasdaq пораснаа трет ден по ред
Германската економија и во 2025 без позитивен импулс
На германската економија и во оваа година и недостига позитивен замав, а деловниот сентимент е и понатаму слаб, се заклучува во денеска објавениот извештај на Институтот за економски истражувања
Рафинеријата за нафта во Панчево го започна процесот на затварање на производствените капацитети
Рафинеријата за нафта Панчево вчера го започна процесот на затворање на производствените капацитети поради недостиг на сурова нафта за преработка, што е резултат на санкциите што Министерството за финансии на САД ги воведе врз НИС.


