Соединетите држави побараа од своите европски сојузници да наведат што им е потребно од Вашингтон за да учествуваат во обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина, покажува документот во кој увид имала агенцијата Reuters.

Дипломатската нота испратена минатата седмица, која содржи шест точки и прашања, исто така ги поставува прашањата за тоа кои земји би можеле да дадат гаранции, кои би биле подготвени да испратат војници во Украина како дел од мировниот договор и колкава би можела да биде големината на која и да е европска воена сила.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги шокираше европските сојузници оваа седмица откако телефонски го повика рускиот претседател Владимир Путин без да се консултира со нив или со Киев и прогласи почеток на мировните преговори.

Повеќе медиуми, меѓу кои и Reuters, во саботата објавија дека САД испратиле документ во кој бараат информации од европските земји за нивниот можен придонес во безбедносните гаранции.

Сепак, целосниот текст што во кој увид имал Reuters покажува дека САД исто така бараат информации за тоа што ќе им биде потребно на европските земји од Вашингтон за да можат да учествуваат во таквите аранжмани.

Овој елемент ќе биде добро прифатен меѓу многу европски влади, кои јасно ставија до знаење дека можат да обезбедат безбедносни гаранции за Украина, меѓутоа само со поддршка од САД, оценува агенцијата.

„Кои, доколку ги има, барањата за американска поддршка вашата влада смета дека се неопходни за учество во такви безбедносни аранжмани? Конкретно, за кои краткорочни и долгорочни ресурси сметате дека ќе ви бидат потребни од САД?“, е едно од прашањата во документот.

Двајца неименувани европски дипломати изјавиле за Reuters дека сè уште се разговара за тоа како европските престолнини ќе одговорат, но некои веруваат дека одговорот треба да биде заеднички.

Некои европски челници, вклучувајќи ги британските и германските, ќе се сретнат во понеделник во Париз на вонреден самит за Украина, на повик на францускиот претседател Емануел Макрон.

Документот, исто така, бара информации за тоа кои европски и/или трети земји би можеле или би сакале да учествуваат во таков аранжман и дали нивната земја е подготвена да испрати војници во Украина како дел од мировниот договор.

„Доколку воени сили од трети земји би биле распоредени во Украина како дел од мировниот договор, која според вас е неопходна големината на таквите сили под европско водство? Како и каде ќе бидат распоредени овие сили и колку долго?“, се наведува натаму во документот.

Водечките европски престолнини, исто така, се прашани и какви мерки треба да преземат САД, сојузниците и партнерите во случај на руски напад врз овие сили.

„Кои дополнителни капацитети, опрема и логистика е подготвена вашата влада да ѝ обезбеди на Украина за да ја подобри својата преговарачка позиција и да го зголеми притисокот врз Русија?“, се наведува во прашалникот.

Исто така, се бара информации за мерките кои владите би биле подготвени да ги преземат за зајакнување на санкциите против Русија, вклучително и построго спроведување на постојните санкции.

globe

Слични новости

Трамп ги опиша разговорите со Путин продуктивни, Зеленски вели дека Русија е во застој

Трамп ги опиша разговорите со Путин продуктивни, Зеленски вели дека Русија е во застој

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот рече дека има „многу добри шанси“ да се стави крај на руско-украинската војна по „продуктивната“ дискусија со рускиот претседател Владимир Путин, додека украинскиот лидер Володимир Зеленски ја обвини Москва дека само „го комплицира и го одложува процесот“ со поставување услови за прекин на огнот