Сè поблиската соработка меѓу Русија, Кина, Северна Кореја и Иран покажува дека заканите со кои се соочува НАТО се од глобален карактер и претставуваат закана за сите, изјави во средата генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Сè поблиската соработка меѓу Русија, Кина, Северна Кореја и Иран ја покажува глобалната природа на заканите со кои се соочуваме, вклучително и зголемените опасности од војната во Украина“, рече Руте на прес-конференција по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
„Во замена за испраќање војници и оружје, Русија ѝ дава поддршка на Северна Кореја за нејзината ракетна и нуклеарна програма, која може да го дестабилизира Корејскиот полуостров, па дури и да им се закани на Соединетите држави, така што илегалната војна на Русија ни се заканува на сите нас и затоа ќе останеме заедно“, тврди Руте.
Додаде дека вчера министрите разговарале и за „дестабилизирачката улога“ на Иран во неговото непосредно соседство „преку поддршка на милитантните групи и давање поддршка на руската војна во Украина со испорака на смртоносни беспилотни летала шахед“.
Со оглед на тоа што Украина се соочува со тешка зима, министрите разговараа што повеќе сојузници би можеле да направат во однос на снабдувањето со муниција и противвоздушни системи.
Руте рече дека сојузниците работат на обезбедување на ветената воена помош од 40 милијарди евра за Украина оваа година и најави дека новата команда на НАТО за безбедносна помош и обука за Украина (NSATU) во Визбаден ќе биде целосно оперативна до крајот на годината.
„Но, треба да направиме повеќе од тоа да ја задржиме Украина во борбата, мораме да обезбедиме доволно поддршка за да ја смениме траекторијата на овој конфликт еднаш засекогаш“, истакна генералниот секретар.
Додаде дека министрите денеска се договориле за серија проактивни мерки за спротивставување на руските непријателски и сајбер активности и дека тоа вклучува зголемена соработка во размената на разузнавачки информации, подобра заштита на цивилната инфраструктура, подобрена сајбер одбрана и построга акција против скриената руска флота за извоз на нафта.
Руте повторно избегна да одговори на новинарското прашање дали Украина сега е поблиску до членство во НАТО отколку што беше пред министерскиот состанок. Тој рече дека сега прв приоритет е да се осигура дека Украина може да влезе во преговорите од посилна позиција.
Украинското Министерство за надворешни работи објави документ пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во кој е наведена официјалната позиција за безбедносните гаранции што треба да послужат како пречка за понатамошна руска агресија доколку тие се согласат на прекин на огнот сега.
Во исто време, Украинците го споменуваат примерот со меморандумот од Будимпешта од 1994 година, по кој се откажаа од советскиот нуклеарен арсенал распордеден на украинска територија во времето на СССР во замена за безбедносни гаранции, што се покажало како празно ветување. Затоа, наводно сега инсистираат на членство во НАТО.
„Убедени сме дека единствената вистинска безбедносна гаранција за Украина, како и одвраќање од нови руски напади врз Украина и други земји, е полноправното членство во НАТО“, се вели во документот.
Слични новости
Eвропската комисија предупреди на загрижувачката економска состојба во десет земји
Лошата економска ситуација во Германија и во девет други земји од Европската унија може да има негативни последици за целиот блок, предупреди во средата Европската комисија
Медиумите и телекомуникациите на полската листа стратешки компании
Полска ќе додаде неколку медиумски и телекомуникациски компании на својата листа стратешки компании, што значи дека тие не можат да се продаваат без одобрение од владата
Највисокиот француски суд ја потврди пресудата против Саркози за корупција
Саркози поднесе жалба на пресудата од 2021 година, со која беше осуден на три години затвор, од кои две беа условни и една година дека може да ја одлежи дома со електронска нараквица