Руските сили направија дополнителен напредок во регионот Курск во понеделникот како дел од големата операција чија цел е да принудат илјадници украински војници да го напуштат западниот руски регион или да се предадат, објавија проруските воени блогери на кои се повикува Reuters.
Украинските трупи зазедоа околу 1.300 квадратни километри од руската област Курск ланскиот август во обид да добијат подобра позиција во евентуалните идните преговори и размена на територии кои во Украина ги заземаа руските сили, како и поради неуспешниот обдид да ја принудат Москва да ги повлече своите сили од источна Украина, како што го опишува Киев.

До средината на февруари, Русија врати најмалку 800 квадратни километри територија во Курск и во последните денови започна голема повеќенасочна офанзива што се заканува да ги прекине линиите за снабдување на Украина и потенцијалните патишта за повлекување.
Воениот блогер Two Majors објави дека руските сили ја расчистиле населбата Ивашковски и дека руските трупи напредуваат кон таканаречениот „котел“ во Курск од најмалку седум правци.
Јуриј Подољака, проруски воен блогер роден во Украина, рече дека има проблеми да ги следи настаните бидејќи рускиот напредок бил толку брз и украинските единици сега биле заробени во неколку џебови во Курск.
„Во текот на изминатите четири дена, руските војници исчистија толкава територија во регионот Курск колку што некогаш не можеа ниту за неколку месеци“, проценува рускиот блогер Рибар, близок до Министерството за одбрана.
„Првата линија е пробиена“, тврди Рибар, додавајќи дека Русите се концентрирани на пресекување на главните патишта кои водат од Курск до Украина. Руските сили во неделата повторно зазедоа уште три населби во Курск.
Руското континуирано напредување започнато пролетта 2024 година и промената на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп кон Украина и Русија ги поттикнаа стравувањата кај европските челници дека Украина ќе ја изгуби војната и дека Трамп и го врти грбот на Европа.
Соединетите држави ја прекинаа воената помош и на кусо ја запреа размената на разузнавачки информации со Украина овој месец која во неделата беше обновена, откако средбата меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски на 28 февруари заврши со кавга пред светските медиуми.
Зеленски во неделата рече дека добил извештај од неговиот врховен командант, Александар Сирски, инаку етнички Русин, за операцијата Курск. Но не откри повеќе детали.
Слични новости
Пакистанските сепаратисти земаа 182 заложници
Безбедносните сили соопштија дека се слушнала експлозија во близина на тунелот и дека имало размена на оган со милитантите во планинската област
ЕУФОР: Распоредуваме воено засилување во БиХ
Военото засилување на ЕУФОР во Босна и Херцеговина почна да пристигнува, потврди во вторникот командата на силите на Европската унија во Сараево
Фон дер Лајен: Урнати се илузиите за европската безбедност
Илузиите за безбедноста на Европа се урнати и Европската унија мора веднаш да почне да инвестира значително повеќе во својата одбрана, изјави во вторникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето пред Европскиот парламент